Сегашната ситуација во Босна и Херцеговина е фрустрирачка и претставува закана за мирот и стабилноста во цела Европа, изјави германскиот министер за Европа, Михаел Рот пред посетата на Сараево.

„Повиците за отцепување и слабеење на државата со повлекување од државните институции се неодговорни и неприфатливи. Тие го оттргнуваат вниманието од вистинските задачи на политичката одговорност, а тоа се спроведувањето на неопходните реформи за приближување кон Европската унија. Итно е потребен напредок во оваа област во интерес на граѓаните на земјата и економскиот развој”, се вели во соопштението.

Тој истакна дека Германија цврсто стои со граѓаните на Босна и Херцеговина, кои се посветени на демократската, правната и европската иднина на земјата.

Рот во Босна и Херцеговина ќе остане до 2 декември и ќе има средба со шефот на дипломатијата на БиХ Бисера Турковиќ, членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит и претставници на граѓанското општество.

Во фокусот на разговорите ќе бидат актуелната политичка ситуација и европската перспектива на Босна и Херцеговина. Рот ќе се сретне и со членовите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, со кои има намера да разговара за неопходните реформи за напредок на патот кон ЕУ и за последиците од актуелната политичка блокада.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2021 12:06