Екипите на крушевското јавно-комунално претпријатие „Комуна“ од изутрината беа на терен и ги посолуваа и ги попесочуваа улиците, пристапите и јавниот простор за безбедно движење на граѓаните. Граѓаните се јавуваа и информираа каде има потреба од интервенција, а од претпријатието велат дека приоритетните интервенции речиси и ги завршија.

-Голем број повици и информации доаѓаат до нас. Цело време сме на терен и ги покриваме сите улици, водејќи се според Програмата за организирање и функционирање на зимско одржување на улиците и општински патишта. Свесни сме за потребите за кои не известуваат граѓаните, но со ресурсите со кои располагаме, го даваме максимумот. Работиме и ќе успееме да си ја завршиме нашата работа, рече в.д директорката на претпријатието, Станка Ефремова Трајкоска.

Според програмата, сопствениците на претпријатија се должни да го чистат снегот и голомразицата пред своите објекти.

-Граѓаните го чистат снегот од покривите,терасите и се води сметка за безбедноста на минувачите, надворешните инсталации и на сообраќајот. Исчистениот снег се собира пред зградите и објектите, но да се обезбеди сообраќај“, стои во Програмата за организирање и функционирање на зимското одржување на улиците и општинските патишта на подрачјето на Крушево за сезоната 2021/2022 година.

Денеска не врне, но во текот на вчерашниот ден, во Крушево наврнаа 19 сантиметри снег.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2021 17:13