Најмалку 41 милијарда долари ќе им требаат на ОН во следната година за да им помогнат на 183 милиони најранливи луѓе во светот погодени од епидемијата на коронавирусот, конфликтите и климатските промени.

Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (OCHA) денеска објави дека во 2022 година ќе биде потребна некаква итна помош за околу 274 милиони луѓе.

Тоа е скок од 17 проценти во споредба со 2021 година, според OCHA.

-Никогаш досега немало толку многу луѓе на кои и е потребна помош, изјави потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс.

Во годишниот извештај на агенцијата на ОН се наведува дека потребната помош се должи на климатските промени, а Етиопија, Мјанмар и Авганистан се наведени како најзагрозени земји, каде само за помош на 22 милиони Авганистанци, ОН ќе треба да одвојат 4,5 милијарди долари.

Помош ќе биде потребна и поради пандемијата на коронавирусот, која ќе влезе во третата година на почетокот на 2022 година. До денес, повеќе од пет милиони луѓе официјално починале од Ковид-19.

Пандемијата имаше негативно влијание и на борбата против болестите како СИДА, маларија и туберкулоза. Според ОН, оваа година 23 милиони деца не можеа да ги примат основните вакцини.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 11:28