Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека затворањето на границите поради Омикрон варијантата на коронавирусот е „длабоко неправедно, казниво и неефикасно“, нарекувајќи го форма на апартхејд кон Африка.

– Со вирус кој не познава граници, ограничувањата за патување што изолираат една земја или регион, не само што се длабоко неправедни и казнени, туку се и неефикасни, истакна Гутереп, додавајќи дека е „скандалозно“ да се осуди Африка затоа што не била вакцинирана.

Осврнувајќи се на Јужна Африка, каде се појави варијантата Омикрон на 24 ноември, што ги наведе другите земји да ги затворат границите за своите граѓани, шефот на ОН смета дека земјите не треба да бидат „колективно казнети за идентификување и споделување клучни научни и епидемиолошки информации со светот”.

– Тоа е „неправедно“ и „неморално“. Значи, упатувам силен апел, апел до разумот. Имаме инструменти за безбедно патување. Ги користиме тие инструменти за да го избегнеме таквиот вид на апартхејд што го сметам за неприфатлив, нагласи Гутереш.

Според него, „Африка нема доволно вакцини за своето население, ги нема потребните финансиски ресурси за закрепнување на економијата, ги трпи најтешките последици од климатските промени, иако не придонесе и ги нема потребните ресурси за да создаде отпорност“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 13:03