Женското тениско здружение (ВТА) објави дека ги суспендира сите свои тениски турнири на подрачјето на Кина поради загриженост околу безбедноста на поранешната најдобра светска тенисерка во двојки Пенг Шуаи.

– Не гледам како можам да барам од нашите спортисти да се натпреваруваат таму, кога Пенг Шуаи не смее слободно да комуницира со светот и се чини дека била под притисок да ги негира своите наводи за сексуално злоставување, изјави синоќа извршниот директор на ВТА Стив Сајмон

– Имајќи ја предвид актуеланата состојба на работите, исто така, сум многу загрижен поради ризикот со кои сите наши играчи и персоналот би можеле да се соочат доколку организираме настани во Кина во 2022 година, додаде првиот човек на ВТА.

Каде се наоѓа Пенг Шуаи, една од најголемите кинески спортски ѕвезди, се наметна како прашање во меѓународната јавност, откако пред речиси еден месец тенисерката исчезна по објавата дека поранешен висок функционер на Комунистичката партија на Кина ја присилувал на сексуален однос.

Шуаи во меѓувреме се појави во Пекинг и оствари видеоразговор со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, меѓутоа ВТА порача дека тоа не ја решила, ниту пак ја ублажила загриженоста околу нејзината безбедност.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 13:32