Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото во ЕУ ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека можеби треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор, вели универзитетскиот професор специјализиран за Балканот, Флоријан Бибер.

Сепак, Бибер, вели дека не гледа јасна причина зошто да верува дека ќе се случи деблокирање на ветото во декември, но дека ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, со оглед дека Германија, која е најголемиот поддржувач се наоѓа во преодна фаза на владата и останува да се види што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија.

Во однос на процесот на проширување на ЕУ, Бибер посочува дека иако не смета дека тој е мртов, со сигурност е во сериозна криза и, дека ја има загубено способноста за промена во регионот, нагласувајќи дека има премногу неизвесности, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, што, според него, не е многу веродостојно.

За оставката и очекувањата од наследникот на Заев, европскиот пат на земјата, повлекувањето на Меркел и новата влада во Германија, како и очекувањата од француското претседателство со ЕУ и ратификацијата на договорот со Фронтекс, прочитајте во продолжение на целосното интервју со Флоријан Бибер.

На 12 декември ќе се одржи Конгресот на владејачката СДСМ каде ќе се избира нов лидер на партијата и со тоа нов премиер на Владата, и покрај колебањата Зоран Заев потврди дека е решен да си замине, кој е вашиот коментар?

Мислам дека и покрај одисејата на носењето на оваа одлука, јасно е дека ова беше предизвикано или барем олеснето од целокупната фрустрација поврзана за клучниот проект на отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. До одредена мерка е и сигнал до надворешниот свет, до европските партнери дека ова е тоа што се случува кога блокирате една земја предолго. Луѓето стануваат фрустрирани, но и нивната поддршка во партијата ослабнува, и не знаете повеќе дали вреди да продолжите со вашата политичка кариера. Јасно е дека е порака која се обидува да ја испрати. Истовремено, таа одисеја на давање оставка или не исто така ја покажува слабоста на владата како резултат, покрај домашните причини, на неможноста на земјата да оди напред поради тие несериозни причини на бугарското вето.

Дали сметате дека одлуката на Заев да се повлече е мудра?

Разбирливо е. И сигурно има и добра страна во таа порака дека некој се повлекува од функција и не се држи по секоја цена за фотелјата. Генерално е здрав сигнал дека не мора како премиер да продолжите по секоја цена додека не ве избркаат од функција, или додека не ве осудат на затвор итн. Добро е за земја како Македонија или било која земја во регионот, каде има долга традиција на поднесување оставка само во пораз. Но во одредена мера ова е и откажување. Претпоставувам дека ќе беше посреќен да поднесе оставка откако ќе започнеа пристапните преговори со ЕУ. Тоа сега не е случај и се надеваме дека ќе може да замине со такво наследство. Она што го видовме, исто со процесот на оставка, е дека доколку таа е прерана тоа може да ја загрози целата влада, а со тоа и целиот проект. И тоа избрзување со оставката не беше мудро. Повлекувањето сега во поорганизирани услови се чини дека ќе спречи негативни последици.

Гледано од надвор дали неговата оставка може да испрати негативен сигнал за регионот, со оглед на тоа дека Македонија важи една од најстабилните и проевропски земји, за што придонесе неговиот личен влог во Преспанскиот, итн?

Заев изгради меѓународна репутација поради неговото принципиелно исполнување на европската интеграција. Прашањето е дали за неговиот наследник ќе биде приоритет и дали ќе биде еднакво посветен на тоа. Очекувам посветеност од неговиот наследник, но прашањето е дали ќе биде со толкав интензитет. Но, владата исто така ги изгуби локалните избори и луѓето се разочарани од перформансот внатре во државата, така што ова е прилика за нов почеток во тие реформи, а не само во однос на ЕУ интеграциите. Ќе зависи од наследникот дали ќе ги исполни тие очекувања. Исто дали ќе успее да постигне успеси од самиот почеток за да не мора да се бори со кревка коалиција. Таа кревкост што ја видовме носи ризик од колапс во наредните месеци, така што ако целиот фокус е на тоа, нема да помогне за остварување на реформите.

Советот за општи работи на ЕУ и самитот на кои Македонија очекува деблокирање на ветото за почеток на преговорите се за помалку од две недели. Министерот за надворешни работи рече дека има уште надеж. Дали според вас има основ за ваква надеж?

Немам информации од внатре, не сум слушнал ништо што сугерира брзо решавање. Мислам дека луѓето во ЕУ се свесни дека ова е уште една прилика за почеток на овој процес. Сите многу јасно ставија на знаење дека се фрустрирани поради бугарската позиција. Ништо од тоа не е ново. Еден од клучните предизвици е тајмингот. Затоа што мислам дека германската влада игра клучна улога во исполнување на агендата, таа е една од најголемите држави во ЕУ поддржувач на проширувањето, и во договорот за новата влада стои почетокот на преговорите со Македонија што поскоро. Но, за сега има вакум. Не дека германската влада во заминување не се интересира за прашањето, но се наоѓаме во преодна фаза. Иако пораката е конзистентна, проблемот е што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија. Тука постои еден јаз, така што немам јасна причина да верувам дека ова ќе се реши во декември. Но, ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, но за сега не сум видел некои знаци кои би ме направиле оптимист дека ќе се реши до крајот на оваа година. Но би бил многу среќен ако грешам.

Бугарија вели дека зависи од Македонија. Што е тоа што треба да го стори С.Македонија?

За Бугарија секогаш зависело од Македонија, од нивна гледна точка тоа не е изненадување. Вистинското прашање е дека барањата на Бугарија се целосно скандалозни и не гледам никаква причина зашто Македонија би ги исполнила тие барања или како би било тоа воопшто морално одбранливо. Повеќе земји членки на ЕУ го рекле тоа и јавно и зад затворени врати дека е скандалозно и неприфатливо. На крајот за да го укине ветото, ќе бидат потребни некои механизми за Бугарија да си го спаси угледот, некаков симболичен компромис. Но, во однос на суштината не сметам дека треба Македонија да го смени ставот, туку од Бугарија. А за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека таа има многу проблеми и дека можеби треба да ги има на ум сите тие домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор. Имаше повеќе обиди за компромис од повеќе претседателства на ЕУ, прашањето е дали следното претседателство, Франција, ќе проба. Во јавност Франција е сега отворено посветена на почетокот на преговорите откако ја доби реформата на преговарачката методологија, но јасно е дека нема ни да биде нејзин приоритет. Така што повторно е на германската влада заедно со неколку пријателски земји членки на ЕУ, и мислам дека ќе треба време.

На кој начин може Бугарија да го спаси својот углед?

За суштинските прашања не гледам како Бугарија би победила тука. Инсистирањето на барањата да не се користи македонскиот јазик во ЕУ е сосема незамисливо, нема никаква смисла тоа барање. Околу историските прашања можеби некакви многу широки необврзувачки декларации се нешто што може да се замисли, или некаков процес што го одлага прашањето за на крај, како што ЕУ секогаш ги решава работите, и ако може да помогне да се одглават преговорите тогаш е во ред. Но, секаква содржинска отстапка е неизводлива според мене, а и не е добредојдена.

Во однос на Германија, видовме дека ни Меркел не тежеше доволно да влијае врз Бугарија, а новата влада уште не е на сила, дали навистина може да се смета на Германија во овој контекст?

Има повеќе причини да се биде оптимист за понатаму. Прво Меркел секогаш се воздржувала да се спротивстави на сериозни злоупотреби на моќта во други држави особено ако лидерите на тие држави доаѓаат од нејзиното политичко семејство, Европската народна партија, ЕПП. Бојко Борисов е тој што ја започна целата работа и е нејзин партнер во ЕПП. Меркел не беше критична кон него, таа дури прифати некои злоупотреби на владеењето на правото во Полска. Толерантна беше кон Вучиќ и неговите злоупотреби. Колку и да поддржуваше проширување, таа не беше критична. Не мислам дека таа го поддржуваше бугарскиот став, но не сакаше да инвестира политички капитал за да го промени. Не мислам дека неуспехот од последните години се должи на недоволната тежина на Германија, туку затоа што влогот не беше доволно голем. Може германската влада да каже дека е незадоволна, но ако нема опиплива политичка цена за тоа, Бугарија може тоа да го игнорира. Но мислам дека новата влада бидејќи ги има Зелените во коалиција кои се многу погласни за владеењето на правото, немаат партии партнери во регионот кон кои имаат лојалност, можат да бидат многу подиректни, и ако сакаат можат да ја кренат цената. Владеењето на правото е на врвот на нивната агенда за ЕУ, многу повисоко отколку што беше за Меркел. Ова важи за сите прашања за владеење на правото, не само Бугарија.

Дали политиката на проширување е во изумирање?

Сигурно е дека е ужасна состојба, несомнено. Дури и Бугарија да го крене ветото до крајот на годинава, процесот не напредува со другите две земји кои преговараат и нема перспектива за сериозно придвижување, во голем дел поради домашната ситуација. Потоа има ризик друга земја да стави вето за Србија на пример, Романија, Хрватска. Толку многу вета можат да се појават. Треба да се има на ум дека ако Бугарија излезе како победник се крева ризикот дека други земји ќе бидат охрабрени да се однесуваат на ист начин за да го добијат тоа што го бараат. Се надевам дека Бугарија нема да биде успешна за да се обесхрабрат другите да го прават истото. Потоа се поставува прашањето што со земјите кога ќе се приближат до целта на членство, дали Франција повторно ќе кочи? Има многу неизвесности, иако не мислам дека процесот е мртов, со сигурност е во сериозна криза и ја изгуби способноста за промена во регионот. Погледнете ги Србија и Косово, нема перспектива да се реши за сега, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, а тоа не е многу веродостојно.

Често го поставувам ова прашање и никогаш не добивам јасен одговор, а тоа е дека со оглед на тоа дека проширувањето е ослабено, може ли да се најде некаков алтернативен паралелен процес кој би донел исти бенефити во однос на реформи и фондови без притоа да бидат земјите предмет на билатерални блокади? Се размислува ли во тие кругови за такви решенија?

Се шират разни идеи, но скептичен сум кон некои од нив. Постои таа идеја за Заедничкиот европски пазар што ја промовира организацијата ЕСИ, да се интегрира регионот во заедничкиот пазар на ЕУ без членство во ЕУ како преодна фаза. Ова не помага за прашања поврзани со владеењето на правото, тоа е еден голем проблем. Друга опција која ветува повеќе е таа за зачленување во фази. Значи земјите стануваат членки на ЕУ скала по скала, што би донело придобивки порано во процесот, но немате еврокомесар или право на вето на пример, и тоа ги смирува преокупациите на Франција на пример. Може да се замисли некој таков процес, но повторно клучно е како да се заобиколи ветото. И тоа е многу тешко, затоа што многу земји, дури и тие кои не го користат правото на вето за сега, би пружале отпор да се откажат од него затоа што некои од нив немаат доверба во Европската Комисија во овој момент, бидејќи еврокомесарот за проширување е пристрасен и про-Орбан и не сакаат да бидат водени во процесот на проширување од страна на Европската Комисија и сакаат да го задржат правото на вето в џеб. Тие грандиозни планови се тешко изводливи во овој момент, но би рекол дека промена на власта во Унгарија вгодина, ако има ослабнување на авторитарната група на земји во ЕУ, тогаш ќе може да се види дали постои шанса за редуцирање на правото на вето, со помалку можности за злоупотреби.

Сакам да прашам за Фронтекс. Бугарија ја блокира ратификацијата на овој договор со Македонија затоа што одбива да се појави македонскиот јазик на документот иако сите други земји го имаат својот јазик на тој документ. Секако Македонија има билатерални договори, но не и договор со Фронтекс. Како може ЕУ во сред миграциска криза каква што гледаме насекаде да дозволи Бугарија да блокира ваков договор? Легално Македонија не е обврзана со Фронтекс, туку само со билатералните договори, така што ако има нова криза на границите…

Претпоставувам дека билатералните договори функционираат доволно добро за да нема потреба да се инсистира итно на Фронтекс. Земјата се снаоѓа со асистенцијата до сега, така што ЕУ може да живее со ова. И тоа е на некој начин перверзниот ефект: да се биде прагматичен го намалува притисокот врз ЕУ. Тоа е иронијата на сево ова. Ако Македонија утре одлучи да се повлече од сите билатерални договори и не може веќе да ги гарантира границите додека не се ратификува Фронтекс, тоа многу брзо би создало голем интерес во ЕУ.

Последното прашање е за генералната стабилност во регионот. Обединетото Кралство, исто така сега испраќа и свој специјален претставник за Западен Балкан. Мислите ли дека постои ризик од нестабилност или војна во регионот?

До одреден степен има сериозна криза во регионот и во голем дел е тоа поради неспособноста на ЕУ да ги реши големите отворени прашања. Што создава и поттикнува некои политички актери во регионот да креираат кризи. Не сум од тие што мислат дека ќе има војна утре, но сѐ што се случува создава негативна динамика во регионот и сето тоа е деструктивно и не помага. Сметам дека ситуацијата е сериозна, и позитивно е ако тоа го поттикнува интересот на земји како Велика Британија повторно да се ангажираат. Ништо ова не е изненадување, и трае одамна, заканите за отцепување на Милорад Додик и авторитарното владеење на Вучиќ, спорот меѓу Србија и Косово, ништо од ова не е ново. Го кажуваме ова со години и мило ни е што се будите, но прашањето е дека убаво е да се даваат изјави, но би сакал да видам посериозен ангажман за справување со ова. И тука е вистинскиот проблем. Не гледам јасна стратегија. САД, ЕУ и Британија би развиле заедничка стратегија и посериозен ангажман, но за сега не е случај. Да се признае дека има проблем е првиот чекор, но е само прв чекор и ако е само назначување на специјален претставник, тоа нема да биде доволно. Многумина од актерите во регионот, и тука е проблемот, Додик и Вучиќ и ним сличните точно знаат кога да се повлечат кога постои ризик да бидат избркани или санкционирани. Ќе направат еден чекор назад, и сите се смируваат, мислат дека ја решиле кризата, сите мислат дека е во ред, и една година подоцна се јавува нова криза. Нема разбирање за структурните причини на овие кризи ниту волја за справување со нив. И тоа ќе го гледаме редовно, и сѐ додека не го фатите проблемот во корен, ќе има нови и нови кризи и секој пат е сѐ полошо затоа што темелот е сѐ полош, целокупната ситуација се влошува.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2021 11:37