Во Босна и Херцеговина се уште се трага по повеќе од 7.600 исчезнати лица и морална обврска на сите е да се направи се со цел решавање на проблемот, без разлика дали како поединци, претставници на академската заедница, владини или невладини организации или верски лидери. Тоа беше нагласено во Сараево на конференција посветена на темата за исчезнатите лица и предизвиците со кои се соочуваат нивните семејства.

На тридневниот собир организиран од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) беше истакнато дека е потребно поголемо вклучување на различни актери во давање поддршка на семејствата на исчезнатите, од социјални работници, психолози, психотерапевти.

– Семејства беа препуштени сами на себе или едни кон други и на тој начин бараа помош, емпатија, рака за поддршка. Со заедничка работа и акција може да се постигне многу и треба да се работи во таа насока, изјави Исидора Граорац-Штркиќ од Републичката организација на семејства на уапсени и убиени војници и исчезнати цивили на Република Српска.

Шефот на делегацијата на МКЦК во БиХ, Елмир Ќамиќ, истакна дека потребите на семејствата на исчезнатите често биле занемарени и заборавени, а целта е да се создаде единствена платформа за размена на искуства, знаења и поддршка.

Во соопштението на МКЦК се наведува дека на конференцијата било истакнато и дека семејствата на исчезнатите се соочуваат со голем број предизвици кога станува збор за остварување на нивните социо-економски и имотни права.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2021 12:49