Високи дипломати од Франција, Велика Британија и Германија, кои денеска во Виена учествуваа на разговорите за обновување на иранскиот нуклеарен договор, изразија разочарување и загриженост поради предложените измени од страна на Техеран во текстот договорен во претходните рунди.

– Иран побара големи промени, рекоа официјални лица, додавајќи дека некои работи се неспојливи со договорот од 2015 година.

Не е јасно како овие нови празнини може да се затворат во реална временска рамка врз основа на иранските нацрти, велат тие.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека сегашната рунда нуклеарни преговори со Иран во Виена не е успешна и најави дека ќе дојде до одложување пред да се одржи следната рунда.

„Мислам дека оваа рунда преговори веројатно ќе пропадне, со оглед на позициите, нема да успее“, изјави Макрон во Дубаи.

Според него, „најверојатно овие преговори нема да бидат обновени на краток рок“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2021 03:40