Комплетно реконструиран и преименуван во спомен на ракометарот Марко Божиновски, кој летоска почина на 20-годишна возраст, денеска свечено беше отворен спортскиот комплекс во Ново Лисиче, во скопската општина Аеродром.

На отворањето на реконструираниот мултифункционален спортски центар „Марко Божиновски“ присуствуваа членови на неговото семејство, пријатели, соиграчи, жители на општина Аеродром и претставници на локалната власт.

– Од денеска и официјално Спортскиот центар во Ново Лисиче имаме чест и задоволство да носи име Спортски центар – Марко Божиновски, пример за млад човек, спортист, добар другар и пријател, кој пред шест месеци трагично почина. На моја иницијатива, но заедничка одлука на сите советници во Советот на Општина Аеродром е овој Спортски центар да го носи токму неговото име. Одлучивме да инвестираме во реновирање на спортската инфраструктура, а дел од таа инвестиција е на општина Аеродром, но и самото семејство на Марко Божиновски и нивни пријатели се активно вклучени во подобрување на условите коишто ќе ги има овој Спортски центар, изјави на отворањето на реновираниот комплекс градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.

Тој најави дека општината ќе продолжи да инвестира во развој на локалната спортска инфраструктура.

– Во чест на Марко Божиновски, којшто треба да биде пример на сите исти млади генерации, успешен млад ракометар, добар другар и искрен, верен пријател, сакаме да функционираме и таков однос да воспоставиме спрема сите други млади луѓе во општина Аеродром, да бидат како Марко Божиновски. И во таа смисла ќе продолжиме и следната година, ние како општина да инвестираме во спортската инфраструктура, да инвестираме во младите спортски таленти, додаде градоначалникот на Аеродром.

Левокрилниот поранешен македонски кадетски и младински репрезентативец Марко Божиновски почина во сон на 3 јуни, кратко време по прволигашкиот натпревар на кој настапи во дресот на екипата на Бутел против Еурофарм Пелистер 2.

Пред да премине во редовите на Бутел, младиот Божиновски го носеше дресот на скопски Металург.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2021 15:56