Прилепските јавни-комунални претпријатија со механизацијата денеска спроведоа голема акција за чистење на диви депонии на периферијата од градот. Се чистеше на потегот од клучката кај „Салида“, по регионалниот пат Прилеп-Битола, до бензинската пумпа на „Лук Оил“.

Рубин Абрашоски, в.д директор на прилепски „Комуналец“ рече дека мора да се подигне свеста за одлагање на сметот и упати апел до граѓаните да ги користат услугите на претпријатието за депонирање на сметот.

– Оваа акција е на иницијатива на градоначалникот Борче Јовчески во соработка со јавните-комунални претпријатија и со помош на градежната оператива на градот. Ги чистиме дивите депонии за да имаме почист град. Додека во светот сите го селектираат ѓубрето и се залагаат за помалку смет и ѓубре, ние сме тие кои треба да придонесеме за почиста околина како за нас, за нашите сограѓани и за нашите поколенија. Упатувам апел до граѓаните да ги користат услугите на „Комуналец“ за депонирање на каков било отпад, бидејќи со тоа ја зачувуваме нашата средина чиста, рече Абрашоски.

Се воспоставува континуиран систем на акции за чистење на дивите депонии.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2021 16:17