Прилепскиот Институт за старословенска култура има нова лабараторија која ќе понуди прецизни податоци за сите архелошки наоди, а ќе нуди и услуги на институции за потребни анализи. Лабараторијата е ретка во регионот и ги достигнува европските стандарди. Наредната година ќе се акредитира и формално да биде призната во меѓународни рамки.

Според научниот соработник во Институтот и археолог, д-р Христијан Талевски кој ќе раководи со лабараторијата, ова е значаен чекор за прецизно, научно одредување на наодите и карактеристиките на луѓето, растителниот и животинскиот свет на овие простори низ епохите.

– Токму тоа е археометрија, примена на научни методи и технологија специфични за другите науки при археолошките истражувања и поради тоа, постапка за акредитација и формалното признавање на лабораторијата за археометрија при Институтот е исклучително значаен чекор напред за македонската археологија. Особено поради фактот што бројот на вакви лаборатории во регионални рамки не е голем. Акредитацијата на Лабораторија за археометрија е поддржано од страна на Министерството за образование и наука во рамките на програмата за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси). Основната цел е продолжување на процесот на создавање на релевантно знаење преку археолошките истражувања, знаење кое спорет издржаност е компетитивно и конзистентно со знаењето во Западна, Централна и Источна Европа, па и пошироко. Токму примената на археометријата во значителен дел го стеснува просторот за субјективна интерпретација на материјалните остатоци од човечкото минато. Имено, преку примена на егзактни методи специфични и применувани во научните истражувања во науки, се добиваат аргументи за соодветна интерпретација на материјалните остатоци, објаснува Талевски.

Еден од основните принципи врз кој ќе се темели работата на лабораторијата за археометрија е сите да имаат пристап до анализите, особено научниците од земајава и странство.

-Во таа насока приоритет е создавање интернет ориентиран компјутерски систем за евидентирање на резултатите од археолошките истражувања. Целта е поголем број истражувачи од земјава и од странство да имаат пристап до релевантните податоци од нашите истражувања преку строго дефинирани процедури и протоколи. Овие податоци секако дека ќе бидат достапни и за државните институции и ќе бидат релевантни во процесот на носење на стратегии од суштинско значење за развојот на државата. Во тој контекст, со оглед на тоа како современото општество функционира во глобални рамки, и уште повеќе, како се носат конкретни одлуки кои ја тангираат егзистенцијата на милиони или милијарди луѓе, факт е дека апликативната примена на знаењата до кои се доаѓа преку археолошките истражувања е апсолутно занемарен фактор. Зашто, луѓето и заедниците во минатото, исто како и ние, биле исправени пред огромен број предизвици. Предизвици кои во значителен дел се идентични со предизвиците пред кои е исправено современото општество, вели д-р Христијан Талевски, научен соработник во Институтот за старословенска култура во Прилеп.

Лабораторијата во Институтот е големо достигнување за научниците да стигнат до прецизни податоци за нашето опкружување и за минатото.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2021 16:19