Голем дел од екипата на филмот „’Рѓа“ („Rust“ – озлогласен по несреќата кога Алек Болдвин случајно ја застрела и уби снимателката Халина Хачинс), објави отворено писмо со кое повикува филмот да се снима до крај. Писмото е поставено на Инстаграм-профилот на Болдвин.
„За време на снимањето на „’Рѓа“, нашиот работен распоред и платите беа фер и во согласност со нашите очекувања. Описот на работата на снимањето на „’Рѓа“ како невнимателна, опасна и експлоататорска е погрешна и го одвлекува вниманието од најважното нешто – сеќавањата за професионалецот Хачинс и потребата од модернизирање на застарените техники и правила за безбедност и ракување со огнено оружје во филмската индустрија“, се вели во писмото.
Неговите автори прецизираат дека нивниот став не го делат неколку луѓе кои го напуштиле снимањето по несреќата.
Претходно, помошничката-сценарист Мами Мичел и стручњакот за осветлување Серж Светној поднесоа тужби против Болдвин, продуцентите на филмот и техничарката за оружје.