Земјите членки на Квинта го поздравија националниот референдум за уставни измени во Србија на 16-ти јануари и ја повикаа косовската Влада да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето гласачко право на изборите и изборните процеси во согласност со воспоставената практика, јави дописникот на МИА од Белград.

Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, САД и Европската унија го поздравуваат референдумот за уставни измени на 16 јануари во Србија како клучен чекор во зајакнувањето на независноста на правосудството и подобрувањето на транспарентноста и ефикасноста на институциите за владеење на правото во земјата, се наведува во соопштението.

Сметаме дека овие реформи се чекор напред кон усогласување на Србија со стандардите на Европската унија, што ќе го поддржи процесот на пристапување на Србија во ЕУ, истакнуваат членките на Квинта.

Ги охрабруваме сите граѓани на Србија да учествуваат на референдумот и сметаме дека е важно граѓаните со право на глас да имаат можност да гласаат на избори и референдуми.

Со жалење забележуваме дека косовската Влада не и дозволи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да собира гласачки ливчиња од гласачите кои живеат во Косово на претстојниот референдум, во согласност со досегашната практика.

Ја повикуваме Владата на Косово да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас на изборите и изборните процеси во согласност со оваа воспоставена практика, се наведува во соопштението на Квинта.

Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од акции и реторика кои ги зголемуваат тензиите и да се вклучат конструктивно во дијалогот со посредство на ЕУ.

Важно е двете влади да постигнат напредок кон сеопфатен договор што ќе ја отклучи европската перспектива и ќе ја зголеми регионалната стабилност, се вели во соопштението на земјите на Квинта.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2022 16:21