Голем број европски и италијански лидери денеска присуствуваа на државниот погреб во Рим на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, кој почина на почетокот на оваа недела.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерот Марио Драги, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел беа меѓу европските и италијанските функционери кои го испратија некогашниот новинар, потоа европратеник и на крајот претседател на Европскиот парламент.

Во базиликата Св. Марија од Ангелите стоеше почесна стража покрај одарот на Давид Сасоли на римскиот Капитол каде илјадници луѓе вчера се простија од него.

Меѓу присутните на збогувањето беа и францускиот премиер Жан Катекс, чија земја моментално претседава со Европската унија, и неговиот шпански колега Педро Санчез, како и претседателите на двата дома на италијанскиот Парламент и бројни министри во италијанската Влада.

Сасоли почина во болница во Авиано каде што беше хоспитализиран од 26 декември „поради тешки компликации од дисфункција на имунолошкиот систем".

Неговиот мандат од две и пол години на чело на законодавното тело на Европската унија требаше да заврши кон крајот на јануари.

Вршител на должноста претседател на Европарламентот сега е потпретседателката Роберта Метсола, политичарка од Малта, која би требало да го наследи Сасоли.

Фон дер Лајен ја опиша смртта на Дејвид Сасоли како „тажен ден за Европа", а Драги го испрати последниот поздрав до „длабоко убедениот проевропеец (…) симбол на рамнотежа, хуманост и великодушност".



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2022 16:52