Бројот на активни случаи со КОВИД-19 во земјава изнесува 15.576, а вкупниот број инфицирани од почетокот на епидемијата кај нас достигна 243.284.

Во последното деноноќие се направени 7.564 тестирања, а регистрирани се 1.635 нови случаи на КОВИД-19. Од новодијагностицираните, во главниот град се 785, а следни со најмногу заразени се Прилеп – 121, Битола – 110, Куманово – 78 и Кичево – 47.

Како што соопшти ресорното министерство, од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 184 реинфекции.

Регистрирани сe 1.276 оздравени пациенти, а починале девет пациенти, сите во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.700.555 тестирања на Ковид-19. Бројот на оздравени пациенти е 219.616, а на починати е 8.092.

Поради нагорната линија на позитивни лица со КОВИД-19, се очекуваат надлежните да соопштат дали на време ќе почне второто полугодие од учебната 2021/2022 година, на кој начин ќе се одвива наставата или ќе има одложување.

Брзо ширење на омикрон сојот на коронавирусот има речиси во сите држави, а експертите предупредуваат дека врвот на инфекцијата допрва доаѓа.

Во изминатото деноноќие во Босна и Херцеговина се регистрирани 1.758 нови случаи на коронавирус, од вкупно 3.477 тестирани лица. Секое второ лице тестирано е позитивно на коронавирус.

Претседателот на Собранието на Србија Ивица Дачиќ вчера соопшти дека има потешкотии при организирањето на референдумот за промена на делот од Уставот поврзан со правосудството закажан за денеска,16 јануари, бидејќи составот на избирачките одбори постојано се менува поради заразување со коронавирус.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, пак, соопшти дека неговата влада ќе избегнува да воведе нови мерки што е можно подолго во сегашниот бран на епидемијата на Ковид-19 предизвикана од многу позаразната омикрон варијанта на коронавирусот.

– Ако е можно, нема да ги заостриме сегашните мерки и се надеваме дека ќе го минеме овој бран со почитување на сегашните мерки, изјави Јанша, но додаде дека земјата е доведена „до раб“ поради големиот број заразени што се должи на релативно ниската стапка на вакцинација.

Германија забележа рекордна седумдневна инциденца од 497,1 инфекции со коронавирус на 100.000 жители од почетокот на пандемијата, објави Националната агенција за контрола на болести на таа земја.

Пред една недела, инциденцата низ земјата беше 335,9, соопшти Институтот Роберт Кох (РКИ) во Берлин. Институтот, исто така, евидентираше 78.022 новозаразени во период од 24 часа, што е зголемување во однос на 55.889 новозаразени пред една недела.

Чешката Влада, пак, ќе дозволи асимптоматските здравствени работници и персоналот за социјална заштита за кои е потврдено дека се заразени со коронавирус да продолжат да работат, соопшти Министерството за здравство.

Нивото на колективен имунитет на Русија се зголеми од 62,6 отсто на 63,7 отсто за една недела, соопштија здравствените власти.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 11:27