Во Србија денеска се одржува референдум за измени на Уставот во делот што се однесува на правосудството, на кој граѓаните со заокружување со „да” или „не” ќе одговорат на прашањето: „Дали сте за потврдување на Актот за измени и дополнување на Уставот на Република Србија?”, јави дописникот на МИА од Белград.

Уставот се менува во областа на правосудството за да се усогласи српското со европското законодавство во процесот на пристапување на Србија во ЕУ, а промената на Уставот ја предложи Владата на Србија со цел да се обезбеди поголема независност, ефикасност и одговорност на судството, поголема независност и одговорност на јавното обвинителство, подобра заштита на правата на граѓаните и зајакнување на владеењето на правото.

Се менуваат уставните одредби за организација на судовите и јавните обвинителства, а имајќи предвид дека постои меѓусебна зависност меѓу овие одредби и другите одредби од Уставот, членовите кои се однесуваат на начелото на поделба на власта, надлежностите на Народно собрание, судот, како и избор и именување судии на Уставниот суд.

Промените се однесуваат и на начинот на кој се избираат судии и обвинители за да се намали влијанието на политиката во процесот бидејќи нив повеќе нема да ги избира српскиот Парламент, туку Високиот судски совет и Високиот совет на обвинители.

На референдумот треба да гласаат 6.510.233 запишани гласачи, на 106 гласачки места, од 07 до 20 часот, но и покрај тоа што за успешен референдум потребно е мнозинство од излезените гласачи потврдно да гласаат за Уставните измени, исходот на референдумското прашање е неизвесен.

На подршка на уставните измени повика неделава претседателот Александар Вучиќ со видео порака на неговиот Инстраграм профил.

-Ги повикувам луѓето да учествуваат на референдумот. Тоа не е партиски референдум, не е политички референдум. Мислам дека овој референдум е важен за иднината на нашата земја. Тој е важен затоа што треба да си кажеме дали сакаме да го продолжиме нашиот европски пат. Дали навистина ќе се обидеме да имаме независно правосудство и независно обвинителство, порача Вучиќ, кој вечерва испрати и смс порака до граѓаните.

Почитувани, ве повикувам да излезете на референдумот на 16 јануари. Јас ќе заокружам ДА, бидејќи сакам судството да биде независно, обвинителството независно. Ќе заокружам ДА, за понатамошен напредок на Србија”. напиша Вучиќ.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера, исто така, ги повика граѓаните да излезат на референдумот и да гласаат за промена на Уставот во областа на правосудството.

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ изјави вчера дека има потешкотии при организирањето на референдумот бидејќи составот на избирачките одбори постојано се менува поради заразата од коронавирус и дека е прашање како да им се овозможи гласање на оние кои се позитивни на коронавирусот.

И меѓународната заедница преку соопштение на амбасадите на земјите членки на Квинта,САД, ЕУ, Франција, Германија и Италија даде подршка на Референдумот.

-Ги охрабруваме сите граѓани на Србија да учествуваат на референдумот и сметаме дека е важно граѓаните со право на глас да имаат можност да гласаат на избори и референдуми.

Со жалење забележуваме дека косовската Влада не и дозволи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да собира гласачки ливчиња од гласачите кои живеат во Косово на претстојниот референдум, во согласност со досегашната практика. Ја повикуваме Владата на Косово да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас, се наведува во соопштението на Квинта.

Но, Косовското собрание вчера изгласа резолуција со која се оневозможува одржувањето на референдумот на Косово.

Меѓу граѓаните во Србија владее слаб интерес за излез на референдумот. Дел од властите, како што е изјавата на Тома Фила пратеник од Социјалистичката патија (СП) се против Уставните измени, а опозициските политички партии се поделени околу тоа дали да излезат на референдум.

Според Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас референдумот не постои и на него не треба да се излезе, а заменик претседателката на Демократската партија (ДС) Драгана Ракиќ изјави дека станува збор за гласање против козметички измени на Уставот и дека на властите единствено што не им одговара е да не се излезе на ваквиот референдум. Против измените на Уставот е и Народната странка на Вук Јеремиќ, а таа партија ги повика граѓаните според својата совест да одлучат дали ќе излезат на референдум.

Од друга страна, СДС на Борис Тадиќ, Граѓанскиот демократски форум и Новата партија ги повикаа граѓаните да излезат на гласање и да закружат „не” на референдумското прашање.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 12:14