Црна Гора е меѓу земјите со кои Италија планира да потпише меморандум против дрогата (МОА), со што се отвора можноста за заеднички истражни иницијативи за спречување на трговијата со наркотици, се наведува во годишниот извештај на италијанското МВР за шверц на дрога.

Според извештајот, балканските криминални организации се особено истакнати во организираната трговија со дрога.

„Меѓу нив приматот го преземаа српско-црногорските групи, опремени со значителни финансиски средства”, се наведува во извештајот, пренесен од порталот РТЦГ, истакнувајќи дека овие криминални групи успеале да воспостават силни врски со јужноамериканските добавувачи.

Во документот се посочува дека со повеќе држави се продолжени оперативните преговори за меморандуми за борба против дрогата (МОА), а меѓу нив и со Црна Гора.

Како што се наведува станува збор за Албанија, Бразил, Бугарија, Колумбија, Панама, Романија, Србија, Таџикистан, Узбекистан, но и низа други земји.

Беше наведено дека српските, црногорските, албанските, како и бугарските групи се карактеризираат со висок степен на организираност и консолидирани односи директно со јужноамериканските шверцери на дрога.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 12:16