Прилепскиот Институт за старословенска култура годинава почнува тригодишен, обемен, суштествен проект за валоризација, доистражување и документирање на локалитетите во Пелагонија, Мариово и во Поречието.

Опфатени се десетици локалитети и средини кои аргументирано ќе ја раскажат историјата на овие простори за 10 века, од 7 до 17 век.

Како што објаснува Бранко Ристески, археолог и директор на Институтот за старословенска култура, обемниот проект „Средновековни населби" ќе треба да даде сериозен, објективен одговор за артефактите и духовната, материјалната, социо-економската историја на овие простори.

– Станува збор за мултидисциплинарен проект во кој носечки сегменти се археологијата и историјата на уметност, но подеднакво се вклучени и лингвистиката, етнологијата. Вклучен е голем стручен тим од Институтот. По 10 години пауза Министерството за образование и наука објави конкурс за финансирање научно-истражувачки проекти на јавните научно-истражувачки институции. Во земјава се пет институти. Меѓу седумте прифатени е и овој обемен проект насловен „Средновековни населби" за периодот од 7 до 17 век. Процесите се следат во четири етапи: раниот среден век од 7 до 9 век, полниот среден век од 8-9 век па до средината на 12 век, третата фаза е од средината на 12 до почетокот на 15 век и, она што се нарекува ран отомански период од 15 до 17 век. Ова е периодизација врз основа на археолошките сознанија. Просторно, проектот ги опфаќа трите региони: Пелагонија, Мариово и Поречието. Тие се лоцирани во централните делови на Балканбскиот полуостров кој, според природните карактеристики се принципиелно различни и овозможуваат компаративно, синхроно проучување на процесите: Пелагонија како рамница, Мариово како нагласена висорамнина, која гравитира кон Меглен и Грција и една транзициска линија на Поречието која гравитира кон западно-балканскиот културен простор. Сето овозможува тие фини структурни процеси на цивилизациски достигнувања да бидат евидентирани и на соодветен начин интерпретирани, објаснува Ристески.

Опфатени се три вида населби: градови, урбани и рурални населби и монашки населби и манастири. Има приоритетни локалитети и од втора и трета категорија. За првпат е вклучена и Хераклеја. Ова е финализирање на еден долг процес научни сознанија, но ќе има и доистражување.

– Почнувајќи од 7 век, доселувањето на Словените и византиските придобивки, тука клучен локалитет е Хераклеја. Првпат ја вклучуваме, каде имаме продолжување на византиските процеси. Потоа е локалитетот Градиште кај Дебреште, Долнени, каде имаме видливи манифестации на словенско присуство, раните словенски населби на овој простор. Потоа се античкиот Колобаиса на Трескавец, локалитетот на Баба каде е продолжувањето на византиската култура. Тие се клучните, а второстепените локалитети ќе ги детектираме со проектот. За вториот период (9-12 век) имаме неколку клучни локалитети: монашката населба под манастирот Зрзе, дел од Хераклеја, нешто слично има и на Марковите Кули, локалитетот Градок во Мариово, манастирот Свети Никола во Манастир Мариово. Како низа манифестации во Поречието. За третиот период од 12 до раниот 15 век клучни пунктови се градовите Битола и Прилеп и манастирските комплекси кои се средишта на културното и социо-економско живеење со севкупната духовност. Манастирите се и своевидни универзитети, центри на духовноста, вели Ристески.

Проектот ќе се финализира со монографија каде ќе бидат документирани сите трудови и артефакти. Многу ќе помогне новата лабораторија која годинава треба да добие меѓународна акредитација.

– Објективизирањето на фактите е најбитно. Тоа ќе го добиеме со голема помош на новата лабораторија која прецизно ќе ги датира артефактите, доказите, за да добиеме објективен поглед на нашата историја. Да нема патетика, да нема секој како сака да ја интерпретира. Со тоа ќе бидеме сериозни пред балканската и европската научна јавност. Затоа, покрај пишаните споменици, многу се битни археолошките наоди, материјалното наследство, смета Бранко Ристески, археолог и директор на прилепскиот Институт за старословенска култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 16:26