Албанскиот премиер Еди Рама преку објава на социјалните мрежи најави дека владата и во текот на оваа годна ќе го исплаќа „бебешкиот бонус” за секое новороденче.

Рама напиша дека во 2021 година „бебешки бонус” добиле над 43,5 илјади новороденчиња, кои, како што нагласува, заедно со „неописливиот просперитет и радост, на своите семејства им го донеле и бебешкиот бонус”.

„Дури 43.581 дете родено во текот на годината што штотуку ја оставивме зад нас, заедно со неописливиот просперитет и радост, им го донесоа и бебешкиот бонус на нивните семејства. И оваа година го гарантираме бонусот за секое родено дете, во Албанија или во странство, кое ќе биде запишано во матичната книга на родени во земјава. Децата пред сè”, напиша Рама.

Тој додава дека од јануари 2019 година, кога стапи во сила одлуката, 115.764 деца имаат корист од директна поддршка од програмата за социјална заштита на новороденчиња.

Со владината програмата родителите на првородено дете добиваат бонус во износ од 40 илјади леки (325 евра), за второродено 80 илјади, а за третородено дете и понатаму по 120 илјади леки. Доколку се близначиња, тројка или повеќе бебиња, секое добива по идентичен износ.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 16:34