Турција ја гледа Албанија како пријател и природен сојузник, изјавил турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за „Албанија Дејли Њуз”, во пресрет на неговата утрешна официјална посета на Тирана.

Ердоган ја нагласи важноста на Албанија за Турција, опишувајќи ја како една од балканските земји со која односите се постабилни и попозитивни.

Турскиот претседател ја истакна и економската и трговската соработка меѓу двете земји. Според него моментно трговската размена меѓу двете земји е 750 милиони долари и додава дека главната цел е што поскоро да се прошири на околу милијарда долари.

-Турција има инвестиции од над 3,5 милијарди долари во Албанија, вклучително и договорни услуги. Во Албанија работат околу 600 регистрирани турски компании и овие компании не само што придонесуваат за производството, туку обезбедуваат и вработување за околу 15 илјади луѓе. Со овие бројки, Турција е еден од најголемите странски инвеститори во Албанија, изјави Ердоган.

Оценува дека пријателските односи меѓу Турција и Албанија се во најпродуктивниот период на политичко и социјално поле.

-Турција го цени членството на Албанија во НАТО и исто така го поддржува процесот за членство во ЕУ. Се надевам дека Турција и Албанија ќе работат заедно за уште подобри денови, пренесувајќи однос на пријателство и партнерство на идните генерации, посочува тој.

Ердоган, утре претладне по 9 часот ќе пристигне во Тирана, каде ќе биде пречекан од премиерот Еди Рама по што ќе заминат за Лач, за да во Курбин го стават во употреба станбениот блок, со 524 станови, изградени со средства на турската држава, во рамки на помошта за обнова на разрушените домови во катастрофалниот земјотрес, што ја погоди Албанија на 26 ноември 2019 година.

Во Лач ќе присуствува и на церемонијата на именување на плоштадот со неговото име, за потоа во Тирана оствари официјалната средба со Рама, по што ќе бидат потпишани билатерални договори, а предвидена е и прес конференција.

Во 16 часот ќе ја посети џамијата Етхем-бег, која е реставрирана со средства од турската владина агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА).

Во 17 часот ќе се обрати пред народните избраници во албанскиот законодавен дом, а час подоцна заминува за Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 16:38