Македонскиот поет, мислител и академик Ристо Василевски е добитник на нововостановената светска награда „Златен светски писател”.

Добитници на ова значајно признание се и Ролан Сеисенбаев (Казахстан), Милан Грабал (Чешка), Михас Пазњаков (Беолорусија), Олена Ананиева (Германија), Абдукахор Косим (Таџикистан), Џејмс Тан (Кина), Михаил Блехман (Канада), Сантош Кумар Покхарел (Непал), д-р Ловелин П. Ејо (Нигерија), Мери Агреда (Еквадор), Марција Батиста Рамос (Бразил), д-р Н. К. Схарма (Индија), Тиан Ју (Кина), Ксанти Хондроу-Хил (Грција), Кав. Силвано Бортолаци (Италија), д-р Ашиш Малвија (Индија), Ана Мариа Мануел Роса (Аргентина), д-р Синтија Ешеме (Нигерија) и Сергиј и Тетјана Ѕуба (Украина).

Василевски за оваа награда го номинира Украинската академија за книжевност и уметност, чиј редовен член е тој.

„Златен светски писател” е ново светско признание кое ќе им се доделува на писателите од цел свет, чија креативност, енергија и благородност го прават светот подобар.

Признанието го востановија повеќе значајни меѓународни организации од САД, Германија, Англија, Франција, Италија, Шпанија, Украина, Кина, Индија и Јапонија, меѓу кои се и Pegasus Brücke International Center (Германија) и Radius International Art Center (САД).

Инаку, Василевски е познато име во светот на литературата. Неговите дела се преведени на над 25 светски јазици. Тој е добитник на голем број други светски значајни меѓународни награди и признанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 14:39