Завршени се сите подготовки во Охрид во врска со прославувањето на големиот православен празник Богојавление – Водици.

Централното градско подрачје е свечено украсено, а спроведени се сите предвидени активности за безбедно одвивање на церемонијата на осветувањето на езерските води и положувањето на Чесниот крст во езерото.

Екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ веќе го исчистија просторот каде ќе се споведува верската манифестација што секоја година ја следат голем број православни верници од градот, околните населени места и гости од странство.

Во тек е дислокација на пловните објекти од внатрешниот дел на пристаништето, за да се овозможи пристап и безбедност на капачите и посетителите.

Изминатите денови, како што беше договорено на координативниот состанок свикан од градските власти, охридските нуркачи го исчистија дното на езерото на потегот на самото пристаниште каде верниците ќе влегуваат во вода.

Самото осветување на водите на Охридското Езеро оваа година ќе се одвива со скратена програма и со строго почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Традиционално утре точно во 10 часот од светилникот на Градското пристаништето, Светиот крст во езерото ќе го положи митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 7 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски нешто пред 10 часот од каде ќе се упатат на пристаништето. И оваа година е предвидено точно напладне кај месноста „Сараиште“ да се спроведе групно крштевање верници.

За посвечено одбележување на празникот и забава на верниците на Градскиот плоштад каде се монтира бината концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а во периодот од 9 до 15 часот во близина на Капетанијата ќе се спроведува и традиционалната крводарителска акција.

За безбедноста на верниците што ќе влезат во осветените езерски води ќе се погрижат охридските нуркачи, додека екипи на Црвениот крст неспоредно пред осветувањето на водите ќе вршат систематски прегледи на верниците што ќе скокаат по крстот. Од медицинските служби упатуват предупредување до верниците да избегнуваат консумирање поголеми количества алкохол доколку планираат да влегуваат во вода, додека на останатите со себе да носат топла сува облека.

Поради актулената ситуација наметната од ковид-епидемијата, оваа година нема да се одржи никакво одбележување на Денот на рибарите на 20 јануари на празникот Свети Јован Крстител, настан што во подобрите времиња привлекуваше голем број гости во градот, а години наназад се приготвуваше и рибна чорба во казан од неколку тони.

Инаку, празнично утре низ Охрид ќе биде бесплатно паркирањето моторни возила на сите паркиралишта со кои стопанисува градот односно ЈП „Билјанини извори“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 15:28