Во хидроелектраната „Шпилје" кај Дебар, која е дел од хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим" минатата година произведени се над 258 милиони киловат часови електрична енергија.

-Минатата година произведени се над 258,3 милиони киловат часови електрична енергија, што е 26 отсто поголемо остварено производство споредено со претходната, 2020 година, кога беа произведени околу 205 милиони квч, потврдија за МИА надлежните од ЕСМ.

Додаваат дека просечниот дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро" во првите денови од јануари 2022 година изнесува 36,14 кубни метри вода во секунда од кои 19,67 од ХЕ „Глобочица" и 16,47 од останатиот локален слив.

– Споредено со просечниот дотек за овој период од годината, моментиот дотек изнесува 75 отсто. Во акумулацијата има резерва на вода за производство на 29 милиони киловат часови електрична енергија. Котата на Дебарско Езеро изнесува 561,82 метри надморска височина и е пониска од просечната која за овој период од годината изнесува 569,10, посочуваат од ЕСМ.

ХЕ „Шпилје" која првите киловат часови ги произведе на 4 ноември далечната 1969 година, во изминатиот период потврди дека претставува значаен извор на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем.

Средното годишно производство е 275 милиони квч а максимално годишно производство е забележано во 2010 година, кога беа произведени 519 квч.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 15:50