Поранешниот претседател на Европската комисија, Романо Проди, денеска во обраќање пред учесниците на онлајн-церемонијата на доделување на Светската награда за хуманизам ја повтори неопходноста од продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан.

Обраќањето тој го искористи токму да го посвети на Северна Македонија и потешкотиите со кои се соочува земјата на нејзиниот евроинтеграциски пат, особено неговото изненадување од одлуката на Франција да не даде зелено светло за отпочнување на преговорите со Северна Македонија за членство.

– Сметам дека процесот на проширување на ЕУ мора да се заокружи. Европа е мешавина на германска, саксонска, словенска култура и сите ние сме едно, токму поради нашето мултикултурното наследство. Сакам оттука да дадам силна порака, час поскоро да почне процесот на евроинтеградција на сите земји од Балканот во ЕУ, во спротивно Европа нема да биде целосна. Знам дека многубројното членство во ЕУ значи мултициплирање на проблемите и остава повеќе простор за отворени прашања, но има позитивни промени во политиката. Токму во име на хуманизмот, велам дека тој е единствен, универзален начин за наше сплотување заедно со сите наши различности во потеклото и културата, рече Проди.

Проди кој и самиот е лауреат на Светската награда за хуманизам за 2019 година и на свеченоста на примопредавањето на наградата во Охрид пред три години посочи на потребата од неизоставно забрзување на процесот на присоединување на државите од Балканот кон Европската унија, притоа предупредувајќи дека нема да има целосен и траен мир во Европа се додека сите земји од континентот не станат дел од големото европско семејство.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 16:00