Турција ќе испрати контингент од 3.250 полицајци и припадници на силите за безбедност во Катар, на Светското фудбалско првенство, најави денеска турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Соулу, додавајќи оти официјална Анкара го обучила катарскиот персонал за ноемврискиот Мундијал.

Соулу рече дека за време на Мундијалот во Катар ќе бидат распоредени 3.000 полицајци за спречување на евентуални инциденти, а турскиот контингент, меѓу другото, ќе вклучува специјална единица со кучиња за откривање бомби и други експлозивни направи.

– Вкупно 3.250 наши луѓе привремено ќе бидат ангажирани во Катар во ноември и декември, за време на 45-ет дневното Светско фудбалско првенство, на кое се очекуваат преку милион навивачи од целиот свет, а нашиот персонал ќе се грижи за безбедноста, изјави Соулу.

Тој додаде дека Турција, исто така, спровела обука на 677 припадници на катарските безбедносни сили во 38 различни области.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2022 02:30