Традиционално на Водопост водичарските кумови од селата во Кичевско рано изутрина го посетија црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, каде присуствуваа на Водосвет. Истовремено во котлињата со крст, босилок и парички, зедоа од осветената вода и се упатија во своите села каде ќе ги благословат селаните од нивниот крст.

Поради мерките за заштита од Ковид-19 , бројот на водичарски кумови годинава беше нешто помал.

– Секоја година за празникот Водопост во црквата „Свети Петар и Павле“ во Кичево се врши голем Богојавленски водосвет, што започна во 6 часот. Откако се заврши овој водсвет кумовите присутни во храмот ги наполнија котлињата со осветена вода со која потоа се упатија во родните села каде попладнево ќе ги посетуваат домовите од нивниот крст и ќе им даваат благослов за здравје, среќа и бериќет. Бидејќи годинава, како и лани, се уште е присутна пандемијата со Ковид-19, бројот на водичарски кумови кои беа присутни во црковниот храм беше нешто помал. Така наместо 150 водичарски кумови, колку што до пред две години доаѓале во црквата за големиот водосвет, годинава нивниот број беше далеку помал, истакна отец Александар Матески од кичевското архиерејско намесништво.

Тој информира дека утре на Богојавление во градскиот базен ќе се положува крстот во 10.30 часот, а оној што ќе го извади крстот, од генералниот покровител „Зегин“ ќе добие машина за перење и златен крст од општината. Спонзорот ќе подари и 100 маици со напис „Водици 2022“, кои ќе бидат поделени на доброволците кои ќе скокаат по крстот во Кичево, Другово, Белица и Цер



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2022 02:30