Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, упати честитка до сите граѓани коишто го прославуваат празникот според јулијанскиот календар и до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан.

Имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици и најтопло да ви посакам празникот да го поминете пред сѐ во добро здравје, исполнети со мир, хармонија и со радост.

И годинава како и минатата, Богојавление - Водици го празнуваме соочени со сѐ уште присутната епидемија на КОВИД-19, како и со бројни економски и општествени предизвици. Нека осветувањето на македонските води биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии. Со смирение и со молитва, солидарни и грижливи да се издигнеме над сите неволји и проблеми. Да ги наполниме срцата со надеж и со верба и да даруваме безусловна љубов на ближните.

Нека ни е честит и вековит празникот Богојавление - Водици!

Бог се јави!



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2022 12:13