Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска го повика Западот да престане да ја вооружува Украина и ја нарече ситуацијата околу европската безбедност „критична“, пренесоа руските медиуми.

Претходно денеска Кремљ соопшти дека тензиите околу Украина се зголемуваат и предупреди за испорака на оружје, воени маневри и летови на авиони на НАТО, на што меѓународните партнери на Русија треба да обрнат внимание.

Рјабков кажа дека не верува дека постои закана од голема војна во Европа или на друго место и дека Москва нема планови за инвазија или освојување на Украина.

Меѓутоа, додаде тој, заканата Украина да стане уште поинтегрирана во НАТО е нешто што директно влијае на руските национални и безбедносни интереси.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва се надева дека наскоро ќе пристигнат писмените одговори на нивните предлози за безбедносни гаранции.

Од друга страна, Киев им се заблагодари на САД за воената помош.

Само во последните денови неколку западни земји најавија воена помош за Украина, а Вашингтон денеска најави дополнителни 200 милиони долари.

Британскиот министер за одбрана во понеделникот најави дека ќе и достави на Украина лесно противтенковско оружје, додека Канада ќе распореди мал контингент специјални сили.

-Како што рековме, ние сме посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ќе продолжиме да ѝ ја даваме потребната помош, изјави анонимен американски функционер, не откривајќи за каква помош станува збор.

На крајот на 2021 година и пред акумулацијата на руски војници на украинската граница, САД веќе му доставија на Киев воена помош од 450 милиони долари.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2022 14:08