Од денеска ќе отпочнеме со разоткривање на сомнителните и криминални зделки на градоначалниците кои што функционираа од СДСМ во претходниот мандат.

Нашите новоизбрани градоначалници изминатиов период деноноќно работеа на средување на хаосот кој го оставија зад себе кадрите на СДСМ, а воедно и во насока на работа за добробит на граѓаните. Верувајте дека имаше многу хаос.

Општина Гази Баба. Ова е општина каде што општината работела за поединци во времето на СДСМ, парите на граѓаните завршувале нерационално во џебови кај луѓе кои најверојатно биле блиски до градоначалникот, а градоначалникот бил соучесник во целата ситуацијата на испумпување пари на граѓаните, практично без него ова не би можело да се случи кое што ќе го презентирам денеска. Кога велам испумпување, ама буквално мислам на испумпување на парите на граѓаните, од сметката на општината во нечии џебови.

Имено, денеска ќе претставам три договори пред граѓаните поврзани со уличното осветлување во Гази Баба, каде што 2 од нив се за одржување и реконструкција на уличното осветлување, а 1 е за изградба на нови линии за уличното осветлување.

Договори и тендер кои што ги спровел претходниот градоначалник Борис Георгиевски кој што беше од редовите на СДСМ. Имено, тендерот за оваа намена е објавен и спроведен, односно спроведен на 19 мај 2021 година каде што е донесено одлука за тендерот да го добие фирма економски оператор ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ од општина Илинден. Имено, во периодот од 20 мај 2021 до 30 август 2021 година, се исцрпени овие три договори односно за само 103 дена во висина од 11 милиони денари, од кои 7 милиони денари за одржување на уличното осветлување, а 4 милиони денари за поставување на нови линии на улично осветлување.

Среќниот добитник на овој великодушен тендер и на овие пари од градоначалникот на СДСМ Борис Георгиевски е фирмата ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ Скопје, со управител извесен Миле Димовски.

Дневно, согласно овие договори, кои што се исцрпени за само 103 дена 11 милиони денари, дневно додека траела реализацијата, се трошеле 106.796 денари, што практично е неизводливо.

Еве јавно прашуваме, како е можно, ама како е можно да се изработат за 103 дена овие три договори во висина од 11 милиони денари?

Како е можно за 103 дена да се потрошат 7 милиони денари за одржување и реконструкција на улично осветлување во гази Баба, ако се земе в предвид дека за 103 дена треба да прегорат сите сијалици во Гази Баба и да бидат сменети. Нема човек кој се занимава со оваа работа што кажува дека ова е невозможно и е зачудувачки.

Имено, според нашите информации, во овие 103 дена каде што требало да се изградат 15-тина нови линии во вредност од 4 милиони денари, за голем дел од тие линии каде што е исцрпен договорот фактичката состојба вели дека линиите се стари и нема инсталирано нови линии. Што е класичен пример на испумпување на пари.

Еве ова е начинот на испумпување на парите на граѓаните или што би рекле, класично перење на пари. Класично перење на општински пари. Ова е класичен начин на испумпување на парите на граѓаните мислејќи дека нема никој да го препознае ова и да бидат откриени.

За целата оваа операција да ја изведат за 103 дена и да испумпаат 11 милиони денари, потребно е да биле координирани градоначалникот, надзорот и економскиот оператор, односно оваа фирма која што според овие документи треба да има капацитет за работа како цела електродистрибуција.

Оттука, согласно овие информации и јавно достапни документи на сајтот за јавни набавки, сакам да ги повикам антикорупционерите да се разбудат и да не спијат. Да ја повикам Општината и новиот градоначалник да направи ревизија. Да го повикам јавното обвинителство по допрен глас да отвори случај или овие јавно достапни документи да ги прегледа па потоа да побара документи од Општината доколку имаат да им достави. Да го повикам секторот за економски криминал да го истражат целиот овој случај и да го обелат образот на граѓаните кои што плаќаат најчесно данок, а некој ги испумпува нивните пари.

Почитувани граѓани,

Срамота е ова што се случувало. Срамота. Ги повикувам сите граѓани кои што имаат било какви информации за криминал од власта, а претходно се плашеле да ги достават, да ни ги достават, а ние да ги обелодениме. Криминалот кој што СДСМ го метастизираше низ целата држава мора да заврши и да биде санкциониран.

Прашање: Господине Арсовски дали ќе поднесете кривична пријава против поранешниот градоначалник на Гази Баба до Јавното обвинителство? Дали сегашниот градоначалник на Гази Баба ќе покрене постапка за ревизија до Државен завод за ревизија? И дали ќе покренете постапка и во Антикорупциска?

Одговор: Во однос на Антикорупциската комисија, бидејќи таму функционира на принцип поднеси претставка, ако се разбудат ќе одговорат или отворат случај или ако им одговара, ако добијат насока од СДСМ, ако не, не. Мојата обврска јас ќе ја завршам во однос на антикорупционерите ќе поднесам претставка за да можат тие понатака доколку сметаат дека треба да истражуваат, а треба да истражуваат.

Во однос на општината, јас јавно го повикувам градоначалникот да направи ревизија во овој случај. Се надевам и сигурен сум дека ќе ги потврди моите тези кои што ги изнесов денеска согласно направената ревизија, бидејќи ова е сериозен криминал за кој многу луѓе молчеле претходно или биле исплашени да говорат, а ги поседувале овие документи.

Во однос на јавното обвинителство, мислам дека е многу едноставно, има принцип по допрен глас за отворање на постапка, тоа функционира кога нив им одговара. Еве ги повикувам да профункционира и во овој случај. Доколку сметаат дека треба да исконтактираат за нешто повеќе се надевам дека и општината ќе им биде на располагање, бидејќи тоа е официјална административна служба каде што доколку им требаат подетални информации кои јас ги немам ќе им бидат доставени.

Така да еве јавно го отворивме овој случај да покренат постапки и верувам дека ќе се најде некој храбар да се покрене постапка и да конечно се санкционира криминалот кој што го направи СДСМ и го остави зад себе.

Прашање: Владата кажа дека дел од работните групи со Бугарија ќе бидат и претставници од опозицијата, дали имате покана? И дали ќе ја прифатите таа покана? И дали мислите дека ова е добар потег?

Одговор: Еве на јавноста, на медиумите, на сите да им соопштам дека таква покана ВМРО-ДПМНЕ нема. А, доколку стигне, нема да учествуваме само за да би биле декоративен елемент на власта и да дадеме легитимитет на нивното погрешно функционирање. Онаму каде што власта треба да земе учество и каде што опозицијата односно ние упорно ги каниме да дојдат и да одговараат на прашања и ги бараме одговорите на тие прашања, тоа е Комисијата за надворешни работи каде што министерот Бујар Османи упорно бега да даде одговори и не учествува во истата. Претходно истото беше случај со Никола Димитров, а сега е со Бујар Османи. Така да еве повик јавно Бујар Османи да земе учество во таа Комисија за надворешни работи во Собранието на иницијатива на нашиот сопартиец Антонијо Милошоски и да одговори на сите прашања кои што ги бара јавноста, граѓаните, опозицијата и сите останати чинители во Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 13:40