Портпаролот за надворешни работи во Европската комисија, Петер Стано, потврди дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен е поканет да им се придружи на министрите за надворешни на ЕУ в понеделник, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите за надворешни работи на ЕУ в понеделник ќе се состанат за редовниот Совет под водство на високиот претставник за надворешна политика Жосеп Борел. Една од главните теми ќе биде ситуацијата во Украина и односите со Русија.

По овој повод Борел му испратил покана на неговиот американски колега, државниот секретар Ентони Блинкен, потврди Стано, но не одговори дали поканата е прифатена.

-Поканата е испратена, на поканетиот е да го потврди учеството, рече портпаролот.

„Европската унија го поканува Блинкен да разговараат заедно за меѓународната ситуација и обидите на Русија да ја редефинира безбедносната архитектура во Европа“, изјави Стано на редовниот брифинг за новинари во Европската комисија попладнево.

Тој инсистираше дека оваа покана е дел од редовните дискусии на ЕУ со своите стратешки трансатлантски партнери, САД и Канада, како и со НАТО и ОБСЕ.

Земјите членки на ЕУ ќе разговараат за начинот на кој треба да се пристапи кон Русија и ќе се обидат да формулираат обединета европска позиција по ова прашање.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 15:58