Анализа на Европската комисија утврди дека 55 отсто од веб сајтовите објавуваат коментари на корисници кои ги залажуваат потрошувачите, со што го прекршуваат и правото на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската комисија, заедно со националните власти за заштита на потрошувачите во ЕУ, анализирале 223 сајтови што содржат коментари на корисници и заклучиле дека за 114 од нив не можело да се утврди дали коментарите се веродостојни.

Според правото на ЕУ, комерцијалните сајтови имаат обврска да ја почитуваат директивата за фер трговски практики.

Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, се огласи, потсетувајќи дека потрошувачите многу често се потпираат на објавените коментари и оценки на веб сајтовите пред да одлучат да купат нешто.

-Не сакам потрошувачите да бидат залажувани, рече еврокомесарот, додавајќи дека бизнисите имаат обврска на потрошувачите да им обезбедат јасна и видлива информација за веродостојноста на корисничките коментари.

Анализирани се веб сајтови на продавници, како и сајтови за букирање, или пак сајтови кои овозможуваат споредба на производи.

Трговците имаат обврска да обезбедат автентични коментари на нивните сајтови. Но според анализата на Европската комисија повеќе од половината не ги информираат корисниците за начинот на кој се собираат и третираат коментарите и оценките. Од 223 сајтови, 118 не соржат податоци за тоа дали обезбедуваат спречување на лажни коментари, додека 176 сајтови не споменуваат дека се забранети платени коментари. Платените коментари мора да бидат обележани и корисникот тоа да го знае.

Бидејќи е утврдено дека повеќе од половината од овие веб сајтови ја прекршуваат директивата на ЕУ, Европската комисија најави дека ќе продолжи со истрагата и ќе одлучи какви мерки ќе преземе.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 16:02