Од печат излезе првиот публицистички труд на Бојан Бежоски од Македонски Брод, со работен наслов „Културата и традицијата на поречката заедница“ .

Тој во оваа книга го опишува начинот на живот на Поречаните во 21 век.

-Мојот прв публицистички труд со работен наслов „Културата и традицијата на поречката заедница“ денеска излезе од печат. Оваа книга е плод на мое седум месечно теренско истражување на просторите на Порече. Во книгата се опфатени народните обичаи, народните песни, народните приказни, верувања, народната медицина, погребни ритуали и многу други записи а, сето тоа збогатено со голем број на фотографии, истакна авторот Бојан Бежоски.

Тој потенцира од каде ја добил мотивацијата за издавање на овој труд.

-Издавањето на овој труд е во знак на благодарност на полскиот антрополог и научник Јожеф Обремски, кој пред 90 години ги истражувал народните обичаи во Порече, каде останал околу 18 месеци и во чија чест во село Самоков, подигнат е и споменик, додаде Бежоски и нагласи дека, ако полскиот антрополог Јожеф Обремски во неговите записи од 1932-1933 година пишува како тогаш живееле поречаните, мојата најнова книга е показ како народот во овој регион живее денес, девет децении подоцна.

Книгата е печатена во издавачката куќа„ Дата Песнопој“ од Битола а издавач е Илија Маркоски. Авторот планира овој труд да го промовира во неколку града во земјава во текот на пролетта.

Бежоски и автор и на повеќе книги поезија.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 16:29