Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Каират Абдрахманов, на која дискутираа за претстојното претседавање на Македонија со ОБСЕ, како и за важноста на активниот пристап кон креирање политики, зајакната интеграција и општествена кохезија, информира прес-службата на министерот Османи.

Во соопштението се наведува дека соговорниците биле согласни оти Македонија претставува функционална мултиетничка демократија, чиј модел на општествена интеграција на сите заедници претставува позитивен пример во регионот и пошироко.

-Како претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ќе работиме на активна промоција на постигнатото и на придобивките на нашиот уникатен модел на општествена кохезија и еднакви можности. Постигнувањата на овој план се конкретен придонес на нашата земја и истите ќе бидат афирмирани и поттикнувани и во нашиот иден ангажман во рамките на ОБСЕ, истакнал Османи.

Од прес-службата на министерот додаваат дека за време на средбата, двајцата соговорници дискутирале и за соработката и промоцијата на политиките во рамките на хуманата димензија на Организацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 16:35