Шејн Буркау и неговата сопруга Хана од САД имаат врска која, како што велат, многумина ја осудуваат или сметаат дека е лажна и им служи само за да привлечат внимание.

Шејн (29) е роден со спинална мускулна атрофија која предизвикува губење на мускулите со текот на времето. Тој е во ортопедска количка од свои две години и е зависен од туѓа нега – тешко ги движи нозете и рацете. Но, неговиот ум е „во полна сила“ и токму тоа ја привлекло три години помладата Хана кај него, пишува „Дејли мејл“.

Хана гледала документарец за Шејн пред шест години и тој ѝ се допаднал, па му пишала мејл.

– Речиси секој мејл што го добивав велеше дека сум инспирација, и тоа не на добар начин. Во електронската пошта на Хана воопшто не се спомнува мојата попреченост. Таа го пофали мојот хумор и она што ни е заедничко, се сеќава Шејн.

По извесна комуникација преку СМС пораки и Фејстајм, се вљубиле и се венчале во септември 2020 година. Уште на почетокот на нивната врска, Шејн искрено ѝ кажал во што се впушта – дека му е потребна помош во речиси секој дел од секојдневниот живот. Таа одговорила со тоа што научила како да се грижи за него, за конечно да живеат заедно и да не зависат од трето лице.

– Еднаш една жена почна да плаче кога слушна дека е мојот сопруг. Ме фати за раце и ме нарече ангел поради што се почувствував непријатно затоа што испадна дека Шејн е „многу лош избор“ и јас сум извонредна личност затоа што сум го избрала него. Секојдневно се справуваме со такви заблуди, рече Хана.

Двојката натаму доволно отворено говори и за нивниот доста нормален и вообичаен сексуален живот, со оглед на тоа што многумина ги прашуваат за тоа. Откриваат и дека еден ден би сакале да имаат дете…

– Не сакаме да бидеме еден без друг. Најдобриот дел од нашето заедништво е удобноста кога сме заедно, заклучи Хана.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2022 11:16