Таеквондистот Дејан Георгиевски ја нарече срамна одлуката на Агенцијата за млади и спорт (АМС) околу износот на спортскиот ваучер кој му го додели на освојувачот на сребрениот олимписки медал во Токио и побара истата веднаш да биде коригирана.
Реакцијата на Георгиевски и Македонската таекводно федерација доаѓа по одлуката на АМС да му додели со ваучер во износ од 350.000 денари, вреднувајќи го неговиот сребрен олимписки медал помалку од среброто на каратистот Емил Павлов, освоено на Светското првенство и од настапот на параолимпијката Оливера Наковска Бикова, кои добија ваучери во износ од по 400.000 денари.
– Никако не можам да разберам како кој било друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех. Никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно!, реагира Георгиевски во денешниот допис до медиумите објавен на социјалните мрежи.
Георгиевски, притоа, ја повика АМС веднаш да ја коригира одлуката и соодветно да ги вреднува спортистките успеси, апелирајќи притоа во целиот случај да се вклучи и јавноста.
– Ова го барам исклучително од принципиелни причини за да го одбранам со крв донесениот историски сребрен медал од Токио, но сакам заедно со мене да побарате и сите вие затоа што овој успех, овој олимписки медал, овој остварен олимписки сон ни припаѓа на сите нас, и никој, апсолутно никој нема право да фрли сенка на истиот, се истакнува во реакцијата на Георгиевски.