Француската академија за филмска уметност вечерва ќе го одржи свеченото 47. доделување на „Цезар“ наградите. Фаворит е филмот „Загубени илузии“ (Illusions perdues) на Гзавие Жаноли, кој освои 15 номинации. Настанот ќе се одржи во познатата сала „Олимпија“ во Париз, а ќе се пренесува на „Канал Плус“.
Покрај овој филм, во главната категорија ќе се натпреварува и операта „Анета“ на Лео Каракс, којашто освои вкупно 11 номинации. Тој филм беше прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Кан. Во таа категорија и девет други, се натпреварува и филмот „Алин“ на режисерката Валери Лемерсие – дело посветено на канадската пејачка Селин Дион. На списокот се наоѓа и филмот „Скршеница“ (La Fracture) на Кетрин Корсини за француското граѓанско движење „Жолти елеци“ (Jilets jaunes).
Во категоријата најдобар актер, меѓу другите ќе се натпреварува Американецот Адам Драјвер, додека почесниот „Цезар“ ќе го добие австралиската глумица Кејт Бланшет.
Француската академија ќе му оддаде почит и на починатиот филмаџија Жан Пол Белмондо, кој ќе биде заштитно лице на свеченоста, со голем постер од култна филмска сцена од „Лудиот Пјеро“ од 1965 година.
„Цезар“ е француска национална филмска награда, основана 1975 година и е позната како „францускиот Оскар“. Номинациите ги одредува Француската академија за филмска уметност, а во конкуренција се филмовите прикажани претходната година. Наградите го носат името на скулпторот Цезар Балдакини (1921 – 1998).