Извршниот комитет на Норвешката скијачка федерација одржа денеска состанок по кој официјално објави дека руските спортисти не се добредојдени на скијачките натпреварувања на кои Норвешка ќе биде домаќин во претстојниот период.

„Руското кршење на меѓународното право и нападот врз украинскиот народ налагаат потреба од целосна меѓународна осуда и санкции. Спортот не може да биде одвоен од тоа и не можеме да останеме пасивни на тие случувања. Пораката на Норвешката скијачка федерација е кристално јасна – не сакаме настап на руски спортисти во нашата земја“, се наведува во официјалното соопштение.

Норвешка, која на неодамна завршените Зимски олимписки игри во Пекинг стана најуспешната нација во историјата со рекордни 15 златни медали, во следните неколку недели ќе биде домаќин на натпреварувања во алпско скијање, скијачки скокови, скијачко трчање и нордиска комбинација.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2022 02:18