Голем број руски спортски ѕвезди упатија апел за итно решавање на руско – украинската криза по мирен пат, а кон повиците се приклучи и еден од најдобрите хокеари на Русија на сите времиња Александер Овечкин.

– Ве молам, престанете со војната, апелираше Овечкин на прес-конференција во Филаделфија каде неговиот тим Вашингтон денеска ќе гостува во рамки на НХЛ лигата.

– Без оглед кои земји се во војна, Русија, Украина или некои други, мислам дека сите треба да живееме во свет на мир. Никогаш нема и не можам да поддржам војна, изјави Овечкин.

Познатиот хокеар во блиското минато го поддржуваше рускиот претседател Владимир Путин и позитивно се изјаснуваше за него на социјалните мрежи.

– Тој е мој претседател. Но, како што порано говорев, јас не сум политичар. Јас сум спортист и си ја гледам мојата работа, но се надевам дека сите овие ужаси ќе завршат. Немам контрола врз тоа што се случува таму, ситуацијата е тешка во секоја смисла. Лично, никому не му посакувам такво зло, никому не му посакувам војна и никому не му посакувам смрт, порача Овечкин.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2022 02:49