Своите домашни натпревари до крајот на актуелната сезона во американско-канадската професионална хокеарска НХЛ лига, Отава Сенаторс, ќе ги започнува со интонирање на украинската химна, по повод страдањата низ кои минува оваа европска држава, јавија вечерва локалните медиуми.
– Тоа е само мал дел од нашата поддршка што можеме да и ја дадеме на Украина во овие страшни времиња, изјави Еуген Мелнук, сопственикот на НХЛ лигашот Отава Сенаторс, чии родители се по потекло Украинци.
Мелник најави дека Отава Сенаторс на ниво на клубот ќе собира хуманитарна и медицинска помош за Украина, а матичната клупска сала ќе биде местото на кое ќе се собираат донациите.
– Ова што се случува во Украина е човечко, економско и социјално уништување на суверена земја. Тоа е неприфатливо во еден цивилизиран свет, а сите слики, кои можеме да ги видиме од Украина, наликуваат на крик за помош, додаде Мелнук.