Речиси 27 години по убиството на нејзиниот татко – италијанскиот моден дизајнер Маурицио Гучи, неговата ќерка Алегра Гучи проговори за искуството, гласините, како и за наводните неточности во новиот филм.
Имено, таа напиша книга за да ги исправи податоците за нејзината мајка и вмешаноста во убиството на нејзиниот татко – приказна којашто ја освои имагинацијата на поп-културата. Таа, всушност, од телевизија дознала дека се работи за убиството.
– Кога ќе минете низ такво нешто, тоа е како цунами!, изјави таа за списанието „Венити фер“ за настаните од таа 1995 година. – Јас бев во мојата соба… Не спиев добро таа вечер. Мајка ми Патриција Реџијани, влегува одеднаш и ми вели дека татко ми е мртов, раскажува Алегра која тогаш имала 14 години.
Платен убиец на 27 март 1995 година го уби Маурицио Гучи, кој во тоа време беше раководител на познатата модна куќа „Гучи“.
Обвинителството сметаше дека Реџијани, од којашто Гучи се разведе во 1985., била мотивирана од завист и финансиска добивка. По 18 години затвор, таа беше ослободена во октомври 2016. Алегра Гучи ја објавува книгата во вторник. Вели дека нејзината мајка се променила по операцијата на тумор на мозокот во 1992 година.
Таа не се согласува со начинот на кој нејзината мајка е прикажана во филмот на Ридли Скот – „Куќата на Гучи“, објавен лани со Лејди Гага како Патриција Реџијани и Адам Драјвер како Маурицио Гучи.
– Филмот содржи многу лаги, вели таа, истакнувајќи дека би сакала да ги исправи со својата книга.