Пинг-понгарскиот клуб “Крива Паланка 2007” оствари значајни резултати на државното првенство што се одржа вчера во Берово, пинг-понгарите од клубот освоија медали и во поединечна конкуренција и во парови.

-На државното првенство нашиот клуб оствари забележителни резултати: Кристијан Станојковски стана државен првак по единаесетти пат, а Петар Митков е третопласиран во поединечна конкуренција, Кристијан Станојковски и Мартин Стаменковски освоија трето место во двојки, а Станојковски заедно со Ива Димитриевска се вицешампиони во мешани двојки. Продолжуваме кон нови победи и во иднина, упатуваме благодарност до организаторот за одличната атмосфера, информираат од ППК Крива Паланка 2007.

Кристијан Станојковски по единаесетти пат ја освои титулата државен првак во пинг-понг на РС Македонија во сениорска конкуренција. Тој 11 години е неприкосновен во оваа конкуренција.

– Задоволство е да се одбрани титулата по десетти пати, по освојувањето на неполни шеснаесет години. Единствено пред неколку години кога поради здравствени причини, повредата на рамениот зглоб, не успеав да учествувам на првенството. Благодарност до моите соиграчи од матичниот клуб “Крива Паланка 2007” и тренерот Мартин Стаменковски, со кои од оваа сезона по моето враќање настапуваме во македонската суперлига и тоа ми помага за одржување на високо ниво на формата, изјави Станојковски. Посочи дека со тимот од ППК “Крива Паланка 2007” се први на суперлигашката табела и атакуваат на титулата.

Кристијан Станојковски е еден од најталентираните македонски пинг-понг играчи,со долгогодишно интернационално искуство во Балканските држави, како и во Европа. Минатата сезона Станојковски направи кам-бек во матичниот клуб враќајќи се од Мајнц, Германија, кадешто ги прекина настапите поради Ковид-19 пандемијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2022 12:14