Жител на Аризона (САД), вклучен во снабдувањето апчиња препишани со фалсификуван рецепт што доведе до смртта на раперот Мек Милер од предозирање во септември 2018 година, е прогласен за виновен од Федералниот суд вчера, јави ДПА.
Според обвинителството во Лос Анџелес, Мек Милер мислел дека купува лек против болки – „оксикодон“, но подоцна се открило дека лекот бил измешан со фентанил, супстанција која има 50 пати посилно дејство од хероинот.
Рајан Мајкл Ривис (39) е осуден на 10 години и 11 месеци откако се изјасни за виновен. Тој е еден од тројцата обвинети за набавката на лековите што ја предизвикаа смртта на 26-годишниот рапер. Извештаите покажаа дека тој починал по случајно предозирање со мешавина од фентанил, кокаин и алкохол.
Проблемите на Мек Милер со однесувањето и со употреба на недозволени супстанции, почнаа по разделбата со неговата поранешна девојка, поп-ѕвездата Аријана Гранде во мај 2018 година.