Полицијата на сојузната американска држава Ново Мексико објави нови снимки направени на денот кога глумецот Алек Болдвин ненамерно пукаше и ја уби снимателката Халина Хачинс – член на филмската екипа на „’Рѓа“ (Rust).
На видеата се гледаат миговите пред и по нејзината смрт. Притоа, Болдвин вежба влечење на чкрапалото на пиштолот. Може да се види и како полицијата и лекарите пристигнуваат на местото на трагедијата. Болдвин е прикажан и како седи во импровизирана црква по пукањето. Прашан од полицијата, тој негираше дека го повлекол чкрапалото и додаде дека не знаел дека во пиштолот имало вистински куршум.
– Слушнав силен тресок. Се чувствував како некој да ме удри во рамото, а потоа паднав. Ја видов Халина како ѝ тече крв по грбот, изјавил режисерот Џоел Соуза во болницата.
Режисерот исто така бил погоден, но само ранет од куршум.
Утврдено е дека Хана Гутјерез Рид била задолжена за безбедност на оружјето што се користело на снимањето. Таа го тужи доставувачот затоа што смета дека е доставена неправилно означена кутија со муниција.
Минатата недела продуцентската куќа која работеше на филмот „Р’ѓа“ беше казнета со 136.793 долари поради безбедносни пропусти на снимањето.