Околу една петтина од видовите рептили, како што се желките од Галапагос, индонезиските комодо-варани, западноафриканските отровни змии и индиските крокодили, се соочуваат со исчезнување, велат научниците.

Истражувањето опфатило 10.196 видови рептили, по што утврдено е дека 21 отсто од видовите се загрозени, критично загрозени или ранливи до истребување, според дефиницијата на Меѓународната унија за зачувување на природата. Според стручњаците, 31 вид е веќе исчезнат.

Многу влекачи се на работ на истребување, велат истражувачите, а во слична состојба се и други копнени животни – водоземци, птици и цицачи. Оваа состојба е резултат на сечењето на шумите поради земјоделството, урбанизирањето и ловот. Климатските промени и грабливците, исто така, се постојана закана.

– Влекачите се важна и разновидна гранка на „дрвото на животот“ и играат интегрална улога во екосистемите во кои се наоѓаат, вели Брус Јанг, еден од предводниците во истражувањето чии резултати се објавени во списанието „Нејчр“.

Тој смета дека сега кога се познати приоритетите и кои се заканите што треба да се ублажат, „нема повеќе изговори да се остават влекачите“ вон плановите за зачувување и нивната примена низ светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2022 09:52