Австралиската авиокомпанија „Квантас“ (Qantas) објави дека има намера, до крајот на 2025 година, да го спроведе најдолгиот непрекинат комерцијален лет – од Сиднеј до Лондон којшто би траел 19 часа.

По пет години планирање, компанијата објави дека нарачала 12 авиони „Ербас А350-1000“ за така долги летови, како дел од програмата „Проект изгрејсонце“. Овие летови ќе почнат од Сиднеј до крајот на 2025., а подоцна, можеби, и од Мелбурн.

– Новите типови на авиони овозможуваат нови работи. „А350“ и „Проџект Санрајз“ ќе го поврзат секој град со само еден лет од Австралија, изјави директорот на „Квантас“, Алан Џојс,.

Тестирањето долги летови почна во 2019 година, меѓу кои и пробниот лет од 17.800 километри меѓу Лондон и Сиднеј, којшто траеше 19 часа и 19 минути. Пробниот лет меѓу Њујорк и Сиднеј, пак, долг 16.200 км., траеше нешто повеќе од 19 часа.

„Сингапур ерлајнс“ моментно го има најдолгиот комерцијален лет. Од тој град-држава до Њујорк се стигнува за нешто под 19 часа, а растојанието е околу 16.700 км.

„Квантас“ има и лет меѓу Перт и Лондон, од 14.500 километри и трае 17 часа.

– Како што би очекувале, посебно внимание се посветува на дизајнот на патничкиот дел за да биде што поудобен за долг лет, изјави Џојс.

Новиот „A350“ ќе собира 238 патници, а првата класа ќе нуди посебен кревет, фотелја и гардероба.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2022 09:32