Австралиските глумци-пејачи Кајли Миног и Џејсон Донован по речиси 34 години се враќаат во австралиската ТВ-сапуница „Соседи“, објавија продуцентите вчера.

– Возбудени сме што Џејсон и Кајли се согласија да ја одиграат оваа посебна улога во финалето на серијата. Скот и Шарлин (ликовите кои ги толкуваат Донован и Миног) се најпознатиот пар на „Соседи“ и крајот не би бил ист без нив. Тоа беше емотивно искуство за нив, за нас и сигурен сум дека ќе биде и за нашите гледачи, изјави извршниот продуцент на серијата, Џејсон Хербисон.

Миног и Донован ја почнаа својата кариера во долгогодишна сапуница којашто ќе престане да се емитува следниот месец, по 37 години на ТВ-екраните. Таа излезе од ТВ-екипата во 1988, а тој наредната 1989 година.

Сега имаат договори за да се појават во последната епизода. Инаку, пред да станат светски познати, Миног и Донован глумеа двојка во оваа популарна сапуница, но тајно беа пар и во вистинскиот живот.

Таа романса заврши кога Кајли го запозна пејачот на „Ај-ен-екс-ес“ – Мајкл Хачинс.

Филмските суперѕвезди Маргот Роби и Расел Кроу, исто така, ја почнаа својата актерска кариера во „Соседи“, сапуница со повеќе генерации глумци – Австралијци и Британци.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2022 10:23