Познатиот чешки писател, издавач и новинар, Мартин Вопенка (Martin Vopěnka), пред доаѓањето и промоцијата на неговата детска книга „Заспаниот град“, издание на „Бата прес“, во рамките на проектот „Отворени книги, отворени граници“ поддржан од Европската Унија, имаше видео обраќање до македонските читатели и даде интервју за печатените и електронски медиуми. Делото ќе биде претставено на Саемот на книгата во промотивниот центар во салата „Борис Трајковски“ на 6 мај во 18 часот.

Бевте новинар, долго време сте издавач, а уште од млади години сте писател. И во Македонија е сосема нормално истовремено да се биде во овие три професии. Дали истото се случува во и во Чешка?

Основниот проблем во времето на комунизмот беше тоа што јас не можев да студирам тоа што сакав. Кога би имал слободен избор ќе студирав филозофија или психологија. Од кадровски причини, бидејќи моето семејство се спротивстави на режимот, студирав математика и физика. Но во тoa поле никогаш не се пронајдов, па по револуцијата се одлучив да застанам на свои нозе. Започнав со издавачка куќа, и уште тогаш си реков, дека сакам да направам сѐ само да се посветам на пишувањето. Тоа траеше подолго од што очекував, но денес сум слободен и можам сам да одлучувам за своето време. Публицистика работам само дополнително, статии пишувам само кога чувствувам потреба да се изразам за нешто малку поинаку од тоа како се објавува во медиумите. Но, вистина е, да живееш само од пишување на малиот чешки пазар е скоро невозможно. Поголемиот дел од чешките писатели се принудени да работаат и нешто друго.

Главните ликови во вашиот роман „Заспаниот град“ се четири храбри и решителни деца. Колку е важно децата да имаат свои херои во текот на нивното созревање?

За карактерите на тие браќа и сестри, главните ликови на книгата, се инспирирав од своите деца. Во сите ситуации си ги претставував нив. Мислам дека децата можат да покажат повеќе од тоа што мислиме ние возрасните. Во младата генерација има огромен потенцијал, кој постарата генерација некако го потиснува, наместо да ги мотивира децата. Така што си мислам дека е важно децата во литературата да си најдат херои од своето време, со кои ќе можат да се идентификуваат.

Во приказната сите возрасни паѓаат во длабок сон. Потоа настанува хаос во градот, нема електрична енергија, нема вода, бандите пустошат… Како ги создавате овие приказни, кој е процесот и од каде добивате инспирација?

Внимание, не станува збор за сите возрасни, само за тие што имаат потомство. Спијат и бабите и дедовците. Но возрасните што немаат деца, не спијат. Некои од нив се трудат да помогнат, а други да ја искористат ситуацијата во своја корист. Јас многу размислувам за нашата цивилизација, за нејзината иднина и за тоа колку е кревко самото човештво, и колку малку треба од луѓето да се направи убиствена топла. Во делото „Заспаниот град“, ги поставив децата во ситуација каде човештвото пропаѓа, но сепак вметнав во нив голема надеж.

Можат многу поуки да се извлечат од книгата. Колку е важно да се држиме заедно, да си помагаме и да не се откажуваме?

Тоа се вистинските вредности, ликовите од „Заспаниот град“ постепено ќе стигнат до нив. На крајот гледаат дека можат да се потпрат единствено сами на себе. На почетокот имаат несогласувања, но сепак на крајот тие се здружуваат и се потпираат еден на друг.

Ве фалат за создавање на книги за деца. Имате добиено и престижни награди. Но, пишувате и книги за возрасни. Кој жанр најмногу Ви лежи?

Само по себе, пишувањето за мене е една голема авантура. Затоа и не се задржувам само на еден литературен жанр, исто како што не патувам и на истите места. Благодарение на далечното студиите по физика напишав и неколку книги за возрасни од иднината. Ме интересира иднината на човештвото и сите мистерии на универзумот и материјата. Мислам дека овие книги допрва ќе бидат објавени низ светот. Во Британија се издаде книгата My Brother the Messiah (Мојот брат Месија) и имаше одлична критика. Покрај тоа пишувам и романи од сегашноста, основани на чувствителна психологија и внатрешна егзистенцијална криза. Мојата најпреведувана книга се вика Moje cesta do ztracena (Мојот пат кон изгубеното) а станува збор за патување на татко со синот по смртта на мајката. Не им се посреќува да си го најдат вистинскиот пат за себе, но во Романија еден со друг ќе се изгубат и ќе пронајдат вистинска љубов во своите срца. Последно во Чешка го објавив романот од сегашноста Poslední stanice Hamburg (Последната станица Хамбург). Покрај тоа пишувам и поезија. Да напишам поема ме прави навистина среќен – секоја поема е вистински подарок од небото. Но исто така ме интересира и исполнува литература за млади и деца.

Сметате ли дека доволно е застапена детската литература во Чешка и воопшто во светот?

Има многу литература за деца, но малку се плашам дека тоа ќе се претвори во еден вид индустрија, конкретно да се издаваат само сликовници, со многу чуден и слаб текст. За мене секогаш на прво место е пишуваниот збор, а илустрацијата е само додаток.

Според книгата е снимен и истоимениот филм. Дали сценариото е соодветно на книгата? Дали сте задоволни од филмот?

Прво не сакав воопшто да навлегувам во тоа, но на крајот сепак го прифатив сценариото, бидејќи ми се чинеше дека во првата верзија ликовите на децата и нивните дијалози се прифатливи. Така што со сценариото сум задоволен. Филмот е правен со многу малку пари. Не можеме да се натпреваруваме со големите странски продуценти. Основата на книгата останува и во филмот, а многу ми се допаѓа актерскиот избор за детските ликови. Бев на снимањето на филмот и тие деца го дадоа својот максимум за филмот.

Дали сте биле досега во Македонија и дали Ви е познат некој писател од оваа земја?

Во 2014 година позајмивме големо возило и со децата започнавме патување низ Балканот – преку Србија одевме за Бугарија, Грција, а се враќавме преку Македонија. Но, на граница се покажа дека возилото има истечен зелен картон, па така не сакаа да нѐ пуштат преку граница. Тоа за нас значеше да заобиколиме околу 1000 километри. Неколку часа со граничните службеници се убедувавме да нѐ пуштат преку граница. За нашите деца тоа беше прва средба со вистински граници, такви какви што ние некогаш ги знаевме. На кратко застанавме во Скопје. Македонски писатели не знам, но јас обично и не читам многу – повеќе живеам во сопствените приказни. Кога пишувам романи, читањето на други литературни стилови ми пречи. Но секако оваа моја посета на Скопје, ја гледам како одлична прилика да се запознаам со македонската култура. Издавањето на книгата ми направи голема радост. За мене сите земји се еднакви – дали е тоа Британија или Македонија, секогаш кога ќе ми излезе книга во било која земја, тоа е како да добила нов живот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2022 10:29