Глумицата Софи Тарнер, можеби најпозната по улогата во „Игра на престоли“, сака и очекува трајно преселување, односно враќање во својата родна Велика Британија.
Во изданието на „Ел Ју-Кеј“ од јуни 2022 година, Тарнер ги наведува многуте причини поради кои е заинтересирана да се врати и да ги одгледува своите деца со сопругот Џо Џонас во својата земја.
– Многу ми недостига Англија. Луѓето, ставот, сѐ! Полека „го влечам“ мојот сопруг назад. Навистина сакам да живеам во Америка, но за моето ментално здравје морам да бидам близу пријателите и моето семејство, изјави Тарнер.
Таа, исто така, би сакала и ќерка ѝ да го добие училишниот живот каков што таа имала.
Засега домот на Тарнер и Џонас е на Флорида. Но, глумицата успева да донесе „малку од Англија“ и во Мајами.
– Купувам работи од британскиот пазар. Во Соединетите Држави, чоколадото не е добро, а ни чипсовите не се добри. Не е исто!, нагласи таа.
Тарнер и Џонас почнаа да се гледаат во 2016., а се свршија следната година. Во 2019., се венчаа на две посебни свечености, од кои едната во Париз. Своето прво дете – 1,5-годишната ќерка Вила, ја добија во 2020 година. Сега го очекуваат своето второ заедничко дете.
– Тоа е смислата на животот за мене – подигање на следната генерација. Најголемото нешто во животот е да ја видам ќерка ми како чекори цврста и силна. Многу сме возбудени што ќе го прошириме семејството. Тоа е најдобриот благослов досега, додаде таа.