Ситуацијата во Европа денес наложува членството во Европската Унија да претставува безбедносен гарант. Затоа земјите-членки на ЕУ треба да го забрзаат процесот на интеграција и да не прават пречки со кои тој би се одложувал повторно, а со држави како што е вашата кои се најдобро подготвени за процесот на интеграција, неодложно да го почнат процесот на преговори, вели во интервју за МИА Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика.

Тој повтори дека Словачка многу јасно покажа дека силно ја пооддржува интеграцијата на Македонија.

– И исто така кажавме дека за нас е неприфатливо билатералните прашања да бидат дел од процесот на ЕУ интеграција, но за жал системот на гласање и механизмите за гласање се такви какви што се денес и мора да сметаме на секоја земја-членка за почеток на преговорите со Македонија, рече Стражај.

Тој вели дека е започната дебата одлуките да се носат со мнозинство гласови во ЕУ, но дискусиите се уште траат.

За ситуацијата со украинските бегалци во Словачка, вели дека значајна бројка од 75.000 луѓе од Украина се наоѓаат во Словачка, како и тоа дека неодамна е донесен нов закон со кој на Украинците им се овозможува да ги надминат тешкотиите со нивниот статус во Словачка, со којшто им се овозможува помош и бенефиции.

Поради ситуацијата во Украина проширувањето на ЕУ стана безбедносно прашање. Како ова ќе влијае на политиката на проширување на ЕУ, како и на целокупната стабилност во Западен Балкан?

– Агресијата на Русија врз Украина не само што ќе има влијание врз ситуацијата во регионот, туку и во цела Европа, а исто така ќе има и глобални импликации, бидејќи ова што го гледаме е јасно кршење на меѓународното право, на мултилатерализмот и фундаментите на светскиот поредок каков што го знамеме порано. Ова е голем предизвик со којшто треба да се соочиме. И сметам дека одговорот на овој голем предизвик лежи во забрзувањето на процесот на интеграција во Европската Унија.

Вашата земја многу долго време чека почеток на преговори. И други земји од регионот се на оваа листа кои имаат аспирации за членство во ЕУ, а сега има три нови земји апликанти кои сакаат да станат членки во ЕУ. Тие земји се од Источното партнерство. Овој факт исто така ќе има влијание врз проширувањето бидејќи Украина поднесе кандидатура за членство и има мислења во ЕУ дека процесот за оваа земја да се движи побрзо поради ситуацијата со која се соочува, но во основа ова се исто така елементи што ќе имаат влијание врз процесот на интеграција.

Така што мојот едноставен одговор би бил – земјите-членки на ЕУ да го забрзаат процесот на интеграција и да не прават пречки со кои тој би се одложувал повторно, а со земји како што е вашата кои се најдобро подготвени за процесот на интеграција да го почнат процесот на преговори.

Сметам ЕУ покажа единство во одговорот на руската агресија и ова единство треба исто така да биде покажано и во однос на проширувањето.

Македонија е блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ поради идентитетски и историски прашања. Дали сметате дека треба да има промена на политиката на одлучување во ЕУ, со оглед дека ова билатерално прашање е пречка за почеток на преговори, иако земјава исполни се што од неа се бараше, а ЕУ се уште не испорачува?

– Како што знаете во ЕУ се одлучува со консензус и секоја земја има право да стави вето на заедничките одлуки. Поради тоа ние почнавме дебата одлуките да се носат со мнозинство гласови во ЕУ, но дискусиите се уште траат. Ова ќе овозможи квалификувано мнозинсто од земјите-членки на ЕУ да носат одлуки и ова на некој начин ќе го отстрани овој проблем за ставање вето на процесот од една единствена држава.

Кога станува збор за ова специфично прашање, Словачка многу јасно покажа дека силно ја пооддржува интеграцијата на Македонија и исто така кажавме дека за нас е неприфатливо билатералните прашања да бидат дел од процесот на ЕУ интеграција, но за жал системот на гласање и механизмите за гласање се такви какви што се денес и мора да сметаме на секоја земја-членка за почеток на преговорите со Македонија. Затоа милам дека ова прашање останува на актуелното претседателство со ЕУ, како и на идното претседателство за да се интензивираат преговорите со Бугарија и со останатите земји-членки и да ја тргнат оваа пречка од агендата. Времињата се менуваат во Европа, се соочуваме со нови предизвици во смисла на руската агресија врз Украина и мора да покажеме поголемо единство и заеднички да го поддржиме процесот на интеграција и на другите земји апликанти и земјите како Македонија да станат членки што е можно побрзо без натамошни одложувања.

Пред неколку дена имаше напис од германски новинар дека „Западен Балкан е буре барут во вечната чекалница на Европа“, но не во смисла дека е можна нова војна на Балканот, туку во смисла дека постои недостиг на јасна европска перспектива. Дали се согласувате со ова?

– Одговорот на сите предизвици е брз евроинтегративен процес, бидејќи членството во ЕУ е, како што вие јасно кажавте, еден вид безбедосен гарант. Драго ни е што Македонија ни е сојузник во НАТО, но ќе бидеме посреќни ако Македонија стане полноправна членка на ЕУ и сметам дека процесот на интеграција јасно оди во насока да се зајакне стабилноста и просперитетот во регионот да се прошири географската област каде се применуваат заедничките вредности.

Регионот на Западен Балкан и Југоисточна Европа во минатото беше познат како регион на нестабилност, но процесот на интеграција ќе обезбеди најдобар одговор на сите оние кои велат дека и регионот се уште ќе претставува опасност на европскиот континент.

Така одговорот уште еднаш е – побрза европска интеграција и вклучување на овие земји во ЕУ.

На Украина и е ветено брзо членство во ЕУ, додека Македонија е со кандидатски статус од 2005. Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг смета дека на Украина не треба да ѝ се понуди членство во ЕУ, бидејќи вели има земји во Западен Балкан кои поминале долг пат. Тој се залага за поинаков пат за Украина кон членство на пример пристапување во Единствениот економски простор на ЕУ. Како Вие гледате на ова?

– Суштината на процесот на интеграција е дека секоја земја која географски припаѓа на Европа и ги исполнува критериумите за членство може да стане полноправна членка на ЕУ. Добар знак е што има интерес зa ЕУ-интеграција кај земји како што е Украина, но исто така тука се и Грузија и Молдавија во Источна Европа. Украина е во многу специфична позиција и ситуација и мислам дека ја заслужува нашата поддршка. И сметам дека политичките сигнали кои се праќаат до Украина од Брисел и од институциите на ЕУ се поддржувачки во однос на нејзината ингтерација. Од друга страна евентуалната брза интеграција на Украина не треба да биде изговор за натамошно одложување на процесот на пристапување на земји како што е вашата и на Албанија. И сметам дека треба да се најде компромис и оваа криза треба да покаже кај ЕУ единство и отвореност и инклузивност за сите земји кои сакаат да станат членки.

Различни држави во ЕУ исто така имаа различни позиции во минатото, истото ќе биде и во случајот со Украина, но мислам дека ЕУ како одговор на кризата во Украина треба да има заеднички глас и треба да биде обединета во позитивен одговор за земји како што е вашата, но исто и за новите апликанти од Источна Европа.

Јас верувам во компромис и во заедничка позиција на ЕУ која ќе биде задоволителна и за вашата држава, која ова дефинитивно го заслужува, но и за новите апликанти од Источна Европа бидејќи тие исто така го заслужуваат тоа.

Словачка и дава воена помош на Украина, од почетокот на конфликтот има голем прилив на украински бегалци во земјата. Дали тие се задржуваат во Словачка или се упатуваат кон западноевропските земји?

– Ова е нова ситуација, која се менува од ден во ден. Ние сме директни соседи со Украина заедно со Молдавија, Романија, Полска и Унгарија и навистина не ги знам последните податоци. Пред неколку дена во Словачка во еден ден влегоа 380 бегалци, а во моментот околу 75.000 бегалци се наоѓаат во земјата. Поголем дел од тие бегалци ја напуштија земјата и се упатија кон останатите членки на ЕУ и дури и во прекуокенакските земји, како што се САД и Канада, бидејќи тие иразија подготвеност да ги прифатат украинските бегалци. Но сепак 75.000 бегалци кои останаа во Словачка е значајна бројка.

Неодамна беше усвоен нов закон со кој на Украинците им се овозможува да ги надминат тешкотиите со нивниот статус во Словачка, со којшто им се овозможува помош и бенефиции. Децата на пример, со овој закон се вклучени во образовниот систем на Словачка, постои и блискост меѓу словачкиот и украинскиот јазик, нема толкава голема јазична бариера меѓу нас.

Но она што е уште поважно е дека ЕУ сака да најде заеднички одговор на овој предизвик, бидејќи зголемениот број на бегалци е предизвик за целата Унија. Одредени земји-членки не можат да се справат со оваа ситуација на долги патеки, така што веќе имаме неколку милиони бегалци од Украина во Полска, во Чешка има околу 300.000 бегаци, илјадници други се во Унгарија, така што ова е заеднички предизвик и драго ми е што Словачка навистина покажа солидарност со украинските бегалци, а исто така е огромен и ангажманот од невладините организации кои што се занимаваат со хуманитарна помош во земјата.

Ситуацијата се уште не е завршена бидејќи се уште има прилив на бегалци, но од друга страна има и денови кога бројот на украински бегалци што ја поминуваат границата во другиот правец – од Словачка во Украина е некогаш повисок од бројот на оние што ја поминуваат границата кон Словачка, што исто така покажува дека значаен дел украински граѓани сакаат да се вратат дома во безбедните зони, колку што е можно побрзо.

Вие како експерт ги споделувате словачките искуства на патот кон ЕУ на сесиите на Национална конвенција на ЕУ во Македонија, каде се дебатира за основните поглавја, правосудство, земјоделие, внатрешни работи, животна средина… Каде според вас земјава има најголем успех, во кои области, каде треба да се поработи?

– Самиот факт што проектот Националната конвенција за ЕУ се имплементира речиси пет години е големо достигнување, посветеностa на локалните партнери за проектот, заедно со експертите и членовите на работните групи е голема и сето ова резултира со носење препораки. Имаме и прецизни бројки што го поддржуваат ова, бидејќи од 2017 година имам 43 сесии на работните групи, имаме 43 сетови препораки, имавме четири пленарни сесии во кои учествуваше и претседателот на државата на Македонија, министерот за надворешни работи на Словачка и други високи претставници на нашите две земји, но важен факт исто така е што успеавме да поврземе над илјада експерти во овој наш заеднички потфат. И овие факти исто така покажуваат дека процесот и проектот се успешни.

Тешко е за мене да кажам кои области се повеќе важни, а кои помалку, бидејќи знаеме дека социјалната политика и вработувањето на пример се многу важни и чувствителни прашања во смила на натамошен економски развој и стабилност на Македонија. Исто така постои заеднички консензус дека Поглавјата 23 и 24 што се фокусираат на правосудство и на други аспекти се многу важни. Тука сакам да споменам дека неколку препораки кои се развиени за време на сесиите на Националната конвенција се веќе имплементирани во законодавството во областа на правосудството и борбата против корупцијата.

Поглавјето правда и внатрешни работи е уште една област каде што имаме видливи резултати, но уште многу работа е неопходна.

Одговорот на ова би бил континуирана работа на проектот на Националната конвенција. Поради тоа ние сме во фаза кога ја бараме сета можна поддршка да го продолжиме проектот во Македонија, не само во овие поглавја што ги споменав, туку и во други области каде заедничката позиција на експертите од невладините организации како и од владините институции, ќе биде само додадена вредност на процесот на европска интеграција на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2022 09:27