ПМГ Џез/PMGJazz го промовира своето 33-то по ред издание на автентична македонска музика во коавторство на Глигор Кондовски, Марија Каева и Владан Дробицки насловено „Разгледи”.

Студискиот албум „Разгледи“, како што се посочува, произлезе од една необична виртуелна средба на овие тројца домашни музичари, докажани автори во полето современата џез, рок и поп музика, од која се создаде овој автентичен и извонреден музички запис, кој несомнено придонесува во збогатување на домашното музичко творештво.

-Со вткаен автохтон израз во современа композициска и интерпретациска форма „Разгледи“ се движи надвор од воспоставените одредници на времето и просторот на брзодвижечкиот и вртоглав свет и нуди инаков поглед и доживување на околината и релациите во и со неа. „Разгледи“ пред сѐ е место на кое што можеме да подзастанеме и разгледуваме, ослободени од очекувањата за замислени светови и неостварени желби. Сето ова е вткаено во четири музички композиции „Тишина“, „Замолчи“, „Човек“ и „Мила Зима“. Така, првата нумера е посветена на птиците кои се исчезнати или им се заканува исчезнување, за да одвоиме време и го разгледаме нивното значење во светот во којшто живееме. Текстовите се обраќаат поетски, музиката тече без вообичаените ритам и бас линии и со тоа ни дозволува една интимна аудио прошетка погодна за слободна интерпретација и поинакво доживување на времето и просторот во кои се наоѓаме, наведува за албумот дискографската куќа.

Во „Разгледи“ вокалот е на Марија Каева, на виолина настапува Глигор Кондовски и Владан Дробицки на тромбон. Музиката е авторство на Кондовски, Каева и Дробицки. Текстовите се на Марија Каева, а аранжманот на Кондовски и Дробицки.

„Разгледи” како дигитално издание е достапно на bandcamp профилот на ПМГ Џез, со директен пристап на следниов линк: https://pmgjazz.bandcamp.com/album/razgledi



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2022 10:28